Мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман – Ел Чапо (61), чека дозвола за да ја прегрне својата сопруга, пред неговото судење во Њујорк да продолжи со изнесување на воведните зборови, откако беа избрани 12 поротници што ќе учествуваат во процесот, објавува Си-ен-ен.
Поротата за чиј избор беа потребни два и пол дена се состои од пет мажи и седум жени, додека има уште шест резервни поротници. Меѓу њујорчаните што ќе одлучуваат за судбината на Ел Чапо има луѓе од шпанското говорно подрачје, роднини на полицајци, како и доселеници од странство. За нивниот избор беа потребни два и пол дена.
Одбраната, преку писмо до судот, побара на поранешниот водач на картелот Синалоа да му биде дозволено накратко да ја прегрне неговата сопруга Ема Коронел Аиспуро (29), пред изнесувањето на воведните зборови во процесот.
Ема Коронел Аиспуро е поранешна учесничка на избори за убавина која е во брак со Ел Чапо од 2006 година. Таа потекнува од семејство што исто така се занимавало со трговија со дрога. Гузман, наводно, се вљубил во неа кога ја видел на избор за убавина, на кој ја осигурил нејзината победа користејќи го своето влијание. Сопругата на Ел Чапо досега била присутна на сите негови судски рочишта.
– На господинот Гузман не му беше дозволен никаков контакт со сопругата, ниту телефонски, ниту во живо. Во интерес на психичкото здравје на господинот Гузман и на правдата, е да биде дозволен хуманиот гест – порача адвокатката Мариел Колон Миро, додавајќи дека нејзиниот клиент вообичаено поминува по 23 часа дневно во излолација во самица.
Судијата допрва треба да донесе одлука дали да му овозможи на Ел Чапо првпат да ја прегрне сопругата по повеќе од две години. Одбраната побара и повеќе време за прегледување на доказите кои опфаќаат повеќе од 100 илјади аудио-сники и документи на 14 илјади страници.