Вооружен напаѓач уби десет лица, меѓу кои и еден полицаец, во пукање што се случи во супермаркет во градот Болдер во американската сојузна држава Колорадо. Напаѓачот е уапсен.
Инцидентот се случил вчера околу 14.30 часот по локално време кога осомничениот влегол во супермаркетот и започнал да пука.
Полицијата наскоро ги предупредила граѓаните да ја избегнуваат областа и да не објавуваат на социјалните мрежи „тактички информации“ што може да ја загрозат акцијата. Сепак, неколку минувачи објавиле видеа на кои се гледаат жртвите на пукањето.
Меѓу убиените е и 51-годишниот полицаец Ерик Тали, кој прв пристигнал на местото на пукањето. Шефицата на локалната полиција, Марис Херолд, потврди дека осомничениот е уапсен и е во болница.
– Сакам да ги уверам граѓаните дека се безбедни – истакна Херолд.
Таа не даде повеќе детали за пукањето, но рече дека истрагата е многу сложена и дека ќе бидат потребни најмалку пет дена да се заврши.
Имињата на жртвите сè уште не се објавени.