Демократското мнозинство во Претставничкиот дом сега ќе може да му ја ограничи можноста на Трамп да ја реализира својата програма преку Конгресот. Демократите исто така ќе можат да почнат нови истраги за администрацијата на Трамп, бизнис-зделките и за евентуалните судири на интереси

Демократската партија ја презеде контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот, нанесувајќи му пораз на претседателот Доналд Трамп. Истовремено, резултатите од изборите покажуваат дека републиканците го зајакнаа мнозинството во Сенатот. Демократското мнозинство во Претставничкиот дом сега ќе може да му ја ограничи можноста на Трамп да ја реализира својата програма преку Конгресот. Демократите исто така ќе можат да почнат нови истраги за администрацијата на Трамп, бизнис-зделките и за евентуалните судири на интереси. Гласањето исто така ќе остане запаметено и по изборот на рекорден број жени во двата дома на Конгресот, како и по изборот на претставници од повеќе малцинства во САД, пренесуваат светските медиуми.

Првичните резултати покажуваат дека демократите освоиле 220 места во Претставничкиот дом, наспроти 194 места на Републиканската партија. Па, така, Демократската партија првпат по осум години има мнозинство во Долниот дом на Конгресот. Но, не е сѐ толку црно за Трамп и за републиканците. Во трката за Сенатот, владејачката партија го зголеми мнозинството на места од 51 на 54. Тоа му овозможува на Трамп да има доволно мнозинство за именување на своите кандидати за судии и за извршни функции.

Во текот на неговото претседателство, Трамп досега профитираше од пријателски расположениот Конгрес, кој ги поддржуваше неговите зборови и дела, приспособувајќи се на неговите политички приоритети и покажувајќи незаинтересираност кога станува збор за контролата. Но за два месеца, кога ќе се состане Претставничкиот дом во Вашингтон, доминиран од демократите, сето тоа ќе се промени. Претставничкиот дом, кој ги поддржа строгата имигрантска легислатива и укинувањето повеќе закони од периодот на Барак Обама, сега ќе почне да нуди прогресивни приоритети. Прв на листата, според најверојатната нова спикерка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, е пакетот за владина етика и мерки за изборни реформи.

Поголема причина за загриженост на Трамп е тоа што сега демократите имаат поголема поддршка за нивните напори за контролирање на администрацијата во Вашингтон. Комитетот за разузнавање, кој ја водеше истрагата на Претставничкиот дом за наводното руско мешање во изборите од 2016 година, ќе биде под контрола на големиот критичар на Трамп, Адам Шиф, кој вети дека ќе има подлабока истрага за бизнисите на претседателот во странство. Исто така, можеби нема да мине долго време пред да биде обелоденета пред јавноста даночната историја на шефот на Белата куќа. И други членови на администрацијата на Трамп може да бидат изложени на подетална контрола. Според Би-би-си, прв на удар може да се најде секретарот за внатрешни работи Рајан Зинке, по обвинувањата дека ја злоупотребил функцијата во корист на своите бизнис-интереси.

Потоа, следува прашањето за импичмент на актуелниот шеф на Белата куќа. За преземање на првиот чекор кон смена на претседателот е потребно просто мнозинство во Претставничкиот дом, а демократите сега го имаат тоа мнозинство. Досега, членовите на демократското раководство во Конгресот ги отфрлаа изгледите почеток на процедура за отповикување на Трамп. Но, ако истрагата на специјалниот истражител Роберт Мулер покаже дека навистина имало соработка помеѓу Русија и изборниот тим на Трамп, тогаш таквиот став може да се смени.

Иако претседателот сега сигурно ќе се најде на поголем удар од демократите во Претставничкиот дом, успехот на републиканците да го зголемат мнозинството во Сенатот несомнено е добра вест за Трамп. Конзервативното влијание на Републиканската партија во судството и натаму ќе продолжи. Претседателот веќе именува 84 судии, вклучувајќи и двајца судии во Врховниот суд. На Сенатот сега исто така ќе му биде полесно да избира високи претставници на администрацијата на Трамп, кои би можеле да бидат блокирани или значително одложени ако демократите ја презедоа контролата. Па, така, на пример, на претседателот ќе му биде полесно да го отпушти и замени „непослушниот“ јавен обвинител Џеф Сешнс, со некој што ќе ја запре истрагата на Мулер за руското мешање во изборите.

Дури и преземањето на контролата врз Претставничкиот дом од демократите може да има „позитивни“ моменти за актуелниот претседател. Трамп сега ќе има кого да обвини ако економијата почне да се влошува. Покрај тоа, Трамп ќе има подготвено објаснување за тоа зошто не може ништо да стори во наредните две години, сигнализирајќи што треба да се промени на наредните избори.

Спротивните трендови во Претставничкиот дом и во Сенатот уште еднаш ги нагласија политичкиот и културниот јаз помеѓу расно диверзификуваните либерали, кои најчесто живеат во поголемите градови, и работничката класа, претежно белци во руралниот конзервативен блок, кои гласаа за Трамп и за кои тој и понатаму е лидер каков што посакуваат.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Повеќе изборни изненадувања

Годинашниве избори за членови на двата дома на американскиот Конгрес беа одбележани со повеќе изненадување. Па, така, Американците ја добија досега најмладата жена во Конгресот, Александрија Окасио Кортес (29), демократската кандидатка од Њујорк. Ајана Пресли е изненадувањето од Бостон. Оваа 44-годишна демократка ќе биде првата Афроамериканка во американскиот Конгрес. Истовремено, демократката од Канзас Шарис Давидс е првата американска Индијанка избрана во Конгресот. Истовремено, гласачите во Минесота и во Мичиген ги избраа и првите две муслиманки во Претставничкиот дом. Станува збор за Ихан Омар, поранешна бегалка од Сомалија, и Палестинката Рашида Тлаиб, која е родена во Детроит.