Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо изјави дека денеска ќе се врати во Венецуела и ќе го предводи протестот против претседателот Николас Мадуро, поради што ризикува да биде уапсен од властите во Каракас, бидејќи минатата недела ја прекршил забраната за напуштање на земјата.
– Ако режимот се обиде да не киднапира, тоа ќе им биде последна грешка која ја направиле- порача Гуаидо, не откривајќи ја локацијата од која се обраќа.
Тој претходно преку Твитер ги повика граѓаните на Венецуела денеска во 11 часот по локално време да излезат на протестите, а неговото враќање во земјата го нарече „историски предизвик“.
Гуаидо, исто така, напиша дека граѓаните треба да ги следат неговите официјални соопштенија во кои ќе објави детали за состаноците со поддржувачите.
Тој во саботата престојуваше во Еквадор, како дел од турнејата низ Јужна Америка, настојувајќи да го зголеми притисокот врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро да поднесе оставка.
Според Гуаидо, Мадуро мора да замине од власт за да може Венецуела да се опорави од политичката и хуманитарната криза, но од друга страна, Мадуро вели дека Гуаидо е дел од заговорот против неговата Влада.