Зад странското вмешување во конфликтот стојат геополитичките интереси на поголемите и помалите сили, при што особено значење имаат големите наоѓалишта на нафта и природен гас, оценува порталот Индекс
Граѓанската војна во Либија, која беснее уште од 2011 година, кога беше соборен либискиот лидер Моамер Гадафи, сѐ повеќе добива карактеристики на меѓународен конфликт. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште минатиот месец најави испраќање турски сили во Либија, по барање од Владата на национално единство, а првите војници пристигнаа минатата недела. Ердоган јасно стави до знаење зошто воено интервенира во Либија, порачувајќи дека Турска нема мирно да набљудува како платениците, кои ги поддржува Русија, му помагаат на генералот Калиф Хафтар, кој се бори против меѓународно признаената влада во Триполи, наведува порталот Индекс.
Официјална Москва демантира дека има какви било врски со платениците од познатата приватна компанија „Вагнер“, кои се борат и во Украина и во Сирија. Интересно е тоа што учеството на платеници во воени операции во странство е нелегално во Русија, за разлика од САД. Во меѓувреме, Ердоган му се закани на генералот Хафтар дека ќе плати висока цена доколку продолжи со нападите против силите на владата во Триполи.
Либија, како што потсетува Индекс, има две спротивставени влади: меѓународно признаената но доста слаба влада во Триполи, на чело со премиерот Фајез ал-Сараџ, и друга во источниот град Тобрук, која е поврзана со Хафтар, чии сили контролираат поголем дел од земјата. Генералот Хафтар има двојно државјанство – либиско и американско и повеќе години живееше во американската сојузна држава Вирџинија, каде што ги воспостави првите контакти со ЦИА. Тој во 1996 година го изврши првото неуспешно востание против Гадафи, а во 2011 година повторно се врати во Либија, каде што го предводеше бунтот што доведе до соборување на либискиот лидер. Но во изминатите години Хафтар ја смени страната и се здружи со Москва во обидот за преземање на контролата над целата земја. Аналитичарите истакнуваат дека освен помошта со вооружување, платеници и дипломатско лобирање, Русија печатеше милијарди либиски динари за Хафтар, за да може да ги плаќа своите сили и да ја купува лојалноста на големиот број локални племиња. Хафтар ја има поддршката и на Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Јордан, Саудиска Арабија, но и на Франција, која лани ја блокира заедничката изјава на Европската Унија, со која се бараше од него да ги прекине нападите на Триполи. Во арсеналот на неговите сили се наоѓаат американски проектили „џавелин“, дронови од кинеско производство, како и рускиот противвоздушен систем „панцир 1“. Од друга страна, владата во Триполи ја има поддршката на Турција, Катар, САД и во помала мера Италија, која наводно се плаши дека Франција, во случај на смена на власта, ќе ѝ ја преземе привилегираната позиција што во Либија ја има италијанскиот нафтен гигант ЕНИ.
Но, покрај геополитиката, и идеологијата има голема улога во оваа мрежа на сојузи. Владата во Триполи е поврзана со исламистичките милиции, а Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ стравуваат дека е поврзана со нивниот непријател, Муслиманското братство, додека, пак, Хафтар се претставува како секуларен лидер, по примерот на египетскиот диктатор Абдел Фатах ел-Сиси. Зад странското вмешување во конфликтот се разбира дека стојат геополитичките интереси на поголемите и помалите сили, при што особено значење имаат големите наоѓалишта на нафта и природен гас. Според порталот Индекс, Русија се надева дека ќе добие големи бизнис-зделки, вредни повеќе милијарди долари, кои ги загуби по соборувањето на Гадафи.
Во меѓувреме, аналитичарите предупредуваат дека мировната конференција што деновиве се одржува во Берлин, по иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, е последната шанса за постигнување примирје во Либија, која е разурната од повеќегодишната фракциска војна, која, пак, доведе до голем бегалски бран во Европа.