Околу 4.000 лица се евакуирани поради пожар што избувна по втор пат за една недела и уништи рурална област на еден од Канарските Острови, пренесува „АП“.
Најновиот пожар започна во саботата попладне во близина на градот Валесеко на островот Гран Канарија, кој се наоѓа во Канарскиот архипелаг во Атлантскиот Океан.
Локалните власти на Твитер соопштија дека пожарот којшто се шири во две различни насоки зафатил повеќе од 1.700 хектари и сè уште е активен. Девет хеликоптери, два авиони и најмалку 600 лица, пожарникари и воен персонал за вонредни состојби, се ангажирани за гаснење на пожарот.
Властите велат дека постои опаснот од ширење на огнот. Температурите на островот последниве денови биле околу 40 степени, со влажност под 30 проценти и силен ветер, што според експертите, создале идеални услови за ширење на огнената стихија.