Шпанската Влада ги обвини каталонските лидери, кои се залагаат за независност на покраината, дека ги отфрлаат нејзините обиди да започнат дијалог со цел решавање на сепаратистичката криза меѓу Мадрид и тој богат регион.
Заменичката на шпанскиот премиер Кармен Калво рече дека групите кои се залагаат за независност на Каталонија ја отфрлија рамката за преговори, што ја предложи Владата, бидејќи сакаат на дневен ред да се најде референдумот за независност, што Мадрид не го прифати.
– Со години бараа дијалог. Го направивме тоа. Ако тоа не е доволно, мора да прекинеме, изјави Калво.
Отфрлувањето на преговарачката рамка доаѓа во пресрет на гласањето за буџетот за 2019 година, што ќе се одржи следната недела, а кое, како што оценуваат медиумите, најверојатно ќе пропадне без поддршка од каталонските партии.
Доколку предлогот на буџетот не биде одобрен, Шпанија треба да одржи вонредни парламентарни избори оваа година, што опозицијата и претходно бараше, критикувајќи го планот за почнување преговори со каталонските сепаратисти.