Германскиот парламент го избра Олаф Шолц за наследник на Ангела Меркел како канцелар на Германија.
Лидерот на Социјалдемократската партија (СПД), ќе ја предводи владата во т.н. семафор-коалиција со Зелените и Слободните демократи (ФДП), чиј прекар доаѓа од трите партиски бои на коалицијата – црвено, жолто и зелено. Тој доаѓа на местото на Меркел, која заминува по 16 години на чело на Германија.
Утринското гласање во долниот германски законодавен дом, одржано со тајно гласање и без дебата, беше само формалност. Немаше сериозно сомневање дека германскиот Бундестаг за нов федерален канцелар ќе избере некој друг.
Со тајно гласање во парламентот, Шолц ја доби поддршката од 395 од 707 присутни пратеници, изјави претседателот на Бундестагот, Бербел Бас. За да биде избран на Шолц му беа потребни 369 гласови.
Шолц, кој беше заменик на Меркел и министер за финансии во големата коалиција во заминување, отиде во палатата Белвју во Берлин, каде германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер официјално го назначи за канцелар.
Шолц е деветтиот повоен канцелар на Сојузна Република Германија, а заклетвата ќе ја положи во текот на денот.
Шолц и неговиот кабинет од 16 министри – седум од СПД, пет од Зелените и четворица од ФДП – ќе бидат именувани од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во претседателската палата, а ќе положат заклетва во Бундестагот.
Според пишувањата на медиумите, главни приоритети во политиките на новиот канцелар Шолц ќе му бидат модернизација на земјата, префрлување на зелени извори на енергија, зајакнување на ЕУ, справувањето со пандемијата, но и поддршка на процесот на пристапување во Унијата на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Регионалните аналитичари веќе ги оценија како „добар сигнал“ за Западен Балкан ваквите заложби на идната германска влада.