Денес во Африка, ние признаваме дека трговијата и инвестициит, не се помош, туку се столбови на развој – Пол Кагаме
Во последните две децении африканскиот континент доживува молскавична промена и брз економски развој, особено видлив меѓу најсиромашните земји. Економскиот раст на земјите од Екваторијална Африка изнесува 6,2 отсто, двапати поголем од земјите во Јужна Америка. Во 1999 година екстремната сиромаштија изнесуваше 58 отсто, а во 2017 година се намали на 35 отсто. Според податоците на ММФ, смртноста кај децата од 17 отсто се намалила на 8 отсто. Од 2000 година до денес, во Етиопија просечниот животен век се зголемил за 13 години. Во 2015 година меѓу десетте економии со најголем раст во светот, пет произлегуваат од Африка. Меѓу нив се Руанда, Конго, Танзанија, Етиопија и Брегот на Слоновата коска. Овие земји имаа во просек економски раст од 7 отсто. За пример, Конго е рангирана меѓу топ десетте земји во спроведување на реформи, а во оваа африканска држава во текот на 2014 година беа создадени 7 илјади нови компании. Африка е светски лидер во онлајн-банкарството и плаќањето преку паметен телефон. Во последните неколку години, директните странските инвестиции брзо раснат, а половина од нив не се поврзани со природните ресурси. Повеќе африкански држави се обидуваат да развијат економија надвор од суровинските материјали, со што помалку зависат од природните ресурси. Овие економии се познати како африканските лавови, а меѓу нив се наоѓаат Кенија, Мозамбик, Замбија, Танзанија и Руанда.
Според „Форбс“, Руанда е една од најбрзо растечките економии во светот. Во периодот помеѓу 2007 – 2017 година, директните странски инвестиции во оваа земја двојно се зголемија, од 800 милиони на 1,6 милијарди долари. Инвестициите се во рударството, земјоделието, туризмот и градежништвото. Економскиот раст на Руанда во просек изнесува 8 отсто. За споредба, до 2000 година Руанда беше меѓу десетте најсиромашни земји во светот.
Брзиот економски и општествен развој во голема мера се должат на политиките на Пол Кагаме. Во 2000 година, Кагаме станува претседател на Руанда и создава советнички тим со кој ги посетува Кина, Тајланд и Сингапур со намера да ги анализараа нивните економски политики и реформи. Во текот на ова патување, Кагаме остварил бројни средби со политичарите, економистите и администрацијата од овие земји. Врз основа на нивните искуства и совети, Кагаме и неговиот тим изработија политичко – економска програма од која произлегоа новиот устав на Руанда и националната развојна платформа позната како Визија 2020 која се состои од 44 цели. Новиот устав има за цел национално помирување и еднаквост за сите граѓани. Според новиот уставот, 50 отсто од сите владини позиции мора да бидат држени од жени, а парламентот на Руанда има најмногу женски претставници во целиот свет, а нивната бројка е поголема од онаа во Данска. Денес во Руанда се создава нова генерација на женски менаџери кои ја раководат државата. Развојната програма на Кагаме се состои од инвестиции во инфраструктурата, стабилна валута, инвестиции во образованието и политичка стабилност со цел стабилен економски пазар – мал ризик за странските инвестиции. Руанда нема природни ресурси, а нејзиниот раст е резултат на подршката на бизнисите. Руанда е втората држава во Екваторијална Африка во правењето бизнис. Во Руанда, периодот за отварање компанија изнесува два дена и лесниот начин на правење бизнис привлекува директни странски инвестиции од САД и Кина. Владата на Руанда и приватните консултанстски компании постојано вршат анализи и мерења на постигнатиот прогрес во оставрување на целите поставени во Визијата 2020.
Боцвана е најуспешната економска приказна во целиот африкански континент. Во 1966 година, Боцвана беше најсиромашната земја во светот, меѓутоа нејзиниот номинален бруто домашен производ во 2018 година изесуваше 18,998 милијарди долари, со што животниот стандард на нејзините жители се доближи на оној на Турција и Мексико. Според „Транспаренси интернешнл“, Боцвана е најмалку корумпираната земја во Африка и нејзиниот развој се должи на силните национални институции и правната сигурност.
Во последните десет години економијата на Етиопија значајно се развива. Според Светска банка, просечниот раст изнеува 10 отсто со што Етиопија е меѓу најрастечките економии во Африка и светот. Според ММФ, номиналниот бруто домашен производ на Етиопија во 2018 година изнесуваше 83,836 милијарди долари. Оттука некои Етиопија ја нарекуваат новата африканска Кина. Економскиот успех на Етиопија лежи во нејзините напори да стане поатрактивна за странските инвеститори. Основата на етиопоиската економија се состои од стабилна макроекономија и атрактивни даноци. Увозот на технолошката опрема е ослободена од царинските давачки, а странските компании во првите пет години се ослободени од плаќањето даноци.
Денес Африка е седиште на 400 домашни комапании со капитал од 1 милијарда долари. Според податоците на „Блумберг“, африканската средна класа е најбрзо растечка во целиот свет. Во следните децении, по се изгледа дека Африка ќе има голема глобална улога.