Членството на Судан во Африканската унија (АУ) е суспендирано откако властите на земјата минатата недела насилно се пресметаа со демонстрантите, соопштија денес од Советот за мир и безбедност на организацијата.
– Судан ќе биде исклучен од сите активности на АУ до вистинско воспоставување на цивилна преодна влада, како единствен начин источноафриканската држава да излезе од сегашната криза – стоеше во објавата на профилот на Твитер на АУ.
Оваа одлука е резултат на крвавата пресметка помеѓу суданската армија и демонстрантите, кога безбедносните сили пукаа во лица кои мирно демонстрирале, пришто животот го загубија повеќе од 60 луѓе.
Повеќе од 300 луѓе беа повредени, велат лекарите, иако точниот број на повредени не може да се знае бидејќи Транзицискиот воен совет го изгасна интернетот во многу делови на Судан.
Ова е најнасилниот настан досега, откако суданскиот претседател Омар ал-Башир беше соборен во април.