Американката (23 години и девет месеци) ја забележи 35-та победа во слалом, со што се израмни со рекордот на Австријката Марлис Шилд, која кога го постави рекордот имаше 32 години
Микаела Шифрин (23 години и девет месеци) стана најмладата, и меѓу скијачките и меѓу скијачите, со 50 победи во Светскиот куп, со триумфот во саботата во слаломот во францускиот скијачки центар Куршевел.
За Американката тоа беше 35-та победа во слалом, со што се израмни со рекордот на Австријката Марлис Шилд, која кога го постави рекордот имаше 32 години.
Шифрин продолжува со доминацијата и најавува дека може да биде идната рекордерка според вкупниот број победи во Светскиот куп. На таа листа сега води легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк со 86 триумфи (во 70-тите и 80-тите години од минатиот век), пред Американката Линдзи Вон со 82 победи. Шифрин победи на сите слаломски трки по четвртото место на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, Кореја, во февруари годинава.
Во саботата втора беше Петра Влхова од Словачка, со само четири стотинки послабо време. Шифрин и Влхова се единствените скијачки што сезонава и лани победуваат во слалом. По овој триумф, Шифрин има неверојатни 501 поен предност пред второпласираната Влхова во генералниот пласман по само 11 трки сезонава. Згора, Шифрин е единствената во скијањето со победи во сите шест дисциплини – слалом, велеслалом, паралелслалом, супервелеслалом, спуст и комбинација.