Луис Хамилтон ја критикува одлуката да се одржи трката во Формула 1 за големата награда на Велика Британија во ист ден како и финалињата на Светското првенство во крикет во Лондон помеѓу Англија и Нов Зеланд и на машкиот тениски гранслем-турнир во Вимблдон. Финалето на СП во крикет е од 11.30 часот, финалето на Вимблдон е од 15 часот, трката во Ф1 почнува во 16.10 часот.
– Британската трка во Ф1 е толку посебен настан и му треба целото внимание. Многу луѓе утре ќе се префрлаат помеѓу телевизиските канали – ја пренесе Би-би-си изјавата на Хамилтон пред утрешната трка во Ф1.
Хамилтон ќе се обиде да ја забележи рекордната шеста победа на британскиот гран-при. Во моментов тој го дели рекордот со Џим Кларк и со Ален Прост. Петкратниот светски шампион победи на патеката Силверстоун четири пати во изминатите пет години.
По девет трки сезонава Хамилтон води со 197 бода, а потоа следуваат Валтери Ботас со 166, Марк Ферстапен со 126, Себастијан Фетел со 123 итн.