Во современата одбојка тренерите се соочуваат со многу предизвици. Најважно е да собираат информации, да ја анализираат и да ја сфатат секоја ситуација, да ги решаваат проблемите и да ги коригираат играчите, вели Блан, кој одржа предавања за 25 тренери од Македонија и за петмина од странство
Познатиот француски одбојкарски стручњак, Филип Блан (59), им пренесе дел од своето богато искуство на 25 тренери од Македонија и на петмина од странство, на курсот за нивото 1 на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), што го организираа Oдбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и Македонскиот олимписки комитет (МОК).
– Секогаш е полесно да се биде играч отколку тренер. Во современата одбојка тренерите се соочуваат со многу предизвици. Најважно за нив е да собираат информации, да ја анализираат и да ја сфатат секоја ситуација, да ги решаваат проблемите и да ги коригираат играчите. Не само за моите помлади колеги, туку и за мене ова беше пријатно искуство затоа што првпат предавав на курс од нивото 1 – рече Блан, кој моментно е помошник-тренер во репрезентацијата aна Јапонија.
На четиридневниот семинар во Скопје, Блан одржа неколку предавања на различни теми: како да се биде тренер, презентација на вежби и корекција, техника и подготовка на вежби, блок, одбрана и систем, како и за ментална мотивација. Покрај тоа одржа и две практични сесии со демонстрации на техники на загревање, сервис, додавање, одбрана, блок и на транзиција.
Во текот на тридецениската тренерска кариера Блан ја предводеше репрезентација на Франција од 2001 до 2012 година (сребрен медал од Светска лига, бронзен од Светско првенство), како асистент на сонародникот Стефан Антига, на клупата на Полска го освои златниот медал на Светското првенство (СП) во 2014 година. Од 2017 година е помошник-селектор во Јапонија (злато и бронза од првенство на Азија).