Фото: Емил Јовановиќ

Машката руска екипа на Медни Всадник и женската руска екипа на Јужен Урал, се нови клупски шаховски прваци на Европа за 2021 година. Тоа е епилогот по 7-те одигра кола на 36. Европски клупски куп (ЕКК) за мажи и 25. ЕКК за жени, кој вечерва заврши во Струга.

Медни Всадник, кој е рангиран втор на ЕКК, во состав ВМ Петер Свидлер (2.701), Андреј Есипенко (2.720), Владимир Федосеев (2.708), Кирил Алексенко (2.693), Максим Матлаков (2.683), Павел Понкратов (2.657), Константин Сакаев (2.595) и Алексеј Гоганов (2.559), го освои златото со 13 бода (29,5 поени по табли), среброто му припадна на чешки Нови Бор (3) со 12 бода (27,5), додека бронзата на азербејџански Вугар Гашимов (9) со 11 бода (28,5). Македонскиот првак Алкалоид (рангиран прв тука), заврши осми со 9 бода (29,5), Прилеп е 14-ти со 8 бода (19,5), Гамбит асеко СЕЕ е 23-ти со 6 бода (19,5), а Гостивар 32-ри со 4 бода (14,5), во конкуреција на 38 европски екипи.

Позначајни резултати, последно 7-мо коло: (1) Медни Всадник – (6) Хтракон 3,5-2,5, (2) Нови Бор – (5) Валенсија 3,5-2,5, (9) Вугар Гашимов –(1) Алкалоид 3,5-2,5, (8) Оферспил (во кој три партии одигра светскиот првак Магнус Карлсен, н.з.) – (4) КПРФ 2-4, (13) Стохолмс – (16) Гамбит Асеко СЕЕ 4,5-1,5, (31) Гостивар – (28) Гонзага 1-5.

Фото: Емил Јовановиќ

Во женска конкуренција со максимални седум победи, односно 14 екипни бода, а 22 по табли, славеше треторангираниот на ЕКК, руски Јужен Урал во состав, ИМ Динара Саудакасова (2.489), ВМ Валентина Гунина (2.446), ИМ Олга Баделка (2.422), ЖВМ Александра Малшевскаја (2.407) и Елизавета Соложенкина (2.311). Втор е Монте Карло (1) со 11 бода (19), а трет украински ГРЕКО (2) со 10 бода (18). Следат австриски Баден (6), кој е четврти со 9 бода, петти е Куманово (8), со 4 бода (7,5), шести словенечки Тајфун (7) со 3 бода (9,5), колку што има и Алкалоид (4) на седмото место (11), додека осми, последен е МШК Центар со 2 бода (10 по табли).

Во последното 7-мо коло се постигнаа следниве резултати: МШК Центар – Баден 1,5-2,5, Куманово – Тајфун 2-2, Алкалоид – Монте Карло 1,5-2,5, ГРЕКО – Јужен Урал 1,5-2,5.
На прогласувањето на победниците во обете конкуренции, присуствуваше и претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович.

Г.И.