Томас Бах, претседателот на ИОК, најави акциски план со четири точки и поддршка од 10 милиони долари за реализација на борбата против допингот
Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, најави акциски план од четири точки и поддршка од 10 милиони долари за борбата против допингот. Половина од парите се наменети за десетгодишно складирање за реанализа на примероците земени од спортистите пред Олимписките игри, а 2,5 милиони долари ќе се искористат за воведување нов генетски тест за допинг.
Засновајќи се на успехот на последната програма за истражување, поддржана од фондот на ИОК со 10 милиони долари за развој на иновативни методи за тестирање и откривање допинг, Бах најави „дополнителни 2,5 милиони долари за реализација на некои од овие проекти“, пишува ИОК.
Иако новиот метод за генетски тест уште не е потврден, Бах на конференцијата во Катовице, Полска, побара од Меѓународната агенција за тестирање (ИТА) во целост да ја искористи оваа најобемна програма за тестирање, чија единствена цел е „откривање и одвраќање од допингот“, да ги собере сите соодветни примероци за анализа со новиот метод на генетско секвенционирање, пред почетокот на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, па кога ќе се валидира новиот метод, примероците веднаш да бидат тестирани.
Во планот се предвидени пари и за дополнителни истражувачки методи и тестирања и за зајакнување на истражните овластувања за разузнавање и истраги на Светската антидопинг-асоцијација (ВАДА).