По седум кола, деветгодишниот Азадалиев има и најмногу освоени рејтинг-поени (77,6), а зад него се 15-годишниот Тарун (74,5) и 17-годишниот Гундуз (68,4). Младиот, 17-годишен Есипенко, пак, ја победи шаховската легенда Гелфанд
Борбата на шаховските табли на 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје, во 11 кола (361 шахист од 42 држави, 143 велемајстори), паралелно се води на три фронта. Покрај настојувањето за освојување на посакуваните поени, многумина се трудат да освојат и нови шаховски норми, но и да го зголемат сопствениот играчки рејтинг.
На третиот фронт засега најмногу импресионираат најмладите. Така по седмото коло најмногу рејтинг-поени (77,6) има освоено најмладиот учесник во Скопје, деветгодишниот Азербејџанец, Јахандар Азадалиев (1.863 рејтинг-поени), зад него е 15-годишниот Ирец, Каниамарала Тарун (2.027) со 74,5, а трет е 17-годишниот Турчин, Ердем Гундуз (2.205) со 68,4 поени.
Во натпреварувачкиот дел четворица шахисти се во водство со по шест поени, Израелецот Максим Родштејн (2.673), Полјакот Качер Пиорун (2.631), Швеѓанецот Нилс Гранделиус (2.694) и Русинот Андреј Есипенко (2.603). Судирот на до шестото коло водечките, на првата табла, Пиорун и Родштејн, заврши мирољубиво, а Гранделиус го победи Александар Предке (2.611).
Младото руско 17-годишно момче Андреј Есипенко (2.603) ја порази шаховската легенда и финалист во мечот за светски првак, Израелецот Борис Гелфанд (2.655), а некои од фаворитите повторно имаа проблеми на таблата. Така, Русинот Данил Дубов (2.703) загуби од Грузиецот Леван Пантсулаја (2.611), Ерменецот Самвел Тер-Сахакјан (2.590) беше подобар од Белорусинот Владислав Ковалев (2.703), а Азербејџанецот Рауф Мамедов (2.701) загуби од уште еден аутсајдер, Белорусинот Сергеј Азаров (2.585).
Македонските шахисти (24) во ова коло освоија 8,5 поени (шест победи, пет ремија и 13 порази) и моментно вкупно имаат 48,5 поени или 14 отсто. Најуспешен е ВМ Кирил Георгиев (2.595), кој со четири поени е на 148-то место. Возбудувањата продолжуваат до сабота.
НАЈМНОГУ ОСВОЕНИ РЕЈТИНГ-ПОЕНИ
Јахандар Азадалиев (Азербејџан) 77,6
Каниамарала Тараун (Ирска) 74,8
Ердем Гундуз (Турција) 68,4
Јахав Емануел (Израел) 66,8
Димо Терзиев (Бугарија) 62,4