Ватикан вчера ја претстави својата официјална спортска екипа составена од 60 тркачи, меѓу кои има свештеници, калуѓерки, припадници на Швајцарската гарда и други претставници на Светата столица.
„Атлетика Ватикан“ е спортски сојуз поврзан со Италијанскиот олимписки одбор (ЦОНИ) и во иднина ќе може да учествува на меѓународни спортски настани.
– Одамна сонувавме да видиме знаме на Светата столица на отворање на Олимписките игри, изјави капитенот на екипата Мелчор Хосе Санчез де Тока Аламеда.
Тој додаде дека знае оти засега нема изгледи за олимписка слава, но оти „Атлетика Ватикан“ може да се обиде на пример во Медитерантските игри.
Ватиканските спортисти за време на прес-конференцијата беа облечени во темно сини тренерки со симболи на Ватикан.
Екипата својот официјален почеток би требало да го има на 20 јануари, кога ќе учествува во десеткилометарската трка во Рим во чест на маратонецот Мигуел Санчез, еден од „исчезнатите“ во Аргентина, татковината на папата Франциско.
„Исчезнатите“ се лица киднапирани за време на воената диктатура од 1976 до 1983 година. Се проценува дека во тој период во Аргентина исчезнале најмалку 10.000 луѓе.