Во финалната серија најдобар до четири победи Ред сокс беа подобри од Лос Анџелес доџерс (4-1), кои последен пат биле прваци пред три децении, во 1988 година, а лани исто така беа поразени во големото финале, од Хјустон астрос

Бостон Ред сокс се новите прваци во бејзбол во американската Мејџор бејзбол-лига (МЛБ), деветти пат во клупската историја или четврти пат во последните 15 години (2004, 2007, 2013 и 2018-та). Во финалната серија најдобар до четири победи Ред сокс беа подобри од Лос Анџелес доџерс (4-1), кои последен пат биле прваци пред три децении, во 1988 година, а лани исто така беа поразени во големото финале, од Хјустон астрос.
За најдобар играч во финалето (МВП) беше прогласен Стив Пирс, кој на последниот петти меч што заврши со триумф на Ред сокс од 5-1 имаше два хоум-рана. Тој е третиот играч на возраст од 35 и повеќе години кому му пошло од рака такво нешто, по Тед Клужевски и по легендарниот Бејб Рут.

Газда на Бостон Ред сокс е американскиот бизнисмен, Џон Хенри, кој е газда и на англискиот фудбалски премиерлигаш, Ливерпул.
Освен спортските трофеи, пехарите и признанијата, Ред сокс ќе заработат и значителни парични бонуси. Сите играчи што се натпреваруваа во плејофот добиваат бонуси, но износот зависи од тоа колку далеку нивниот тим напредувал. Во 2017 година, играчите заработија рекордни 84,5 милиони долари, а победничкиот тим на Хјустон астрос подели рекордни 30,4 милиони долари. Поразениот ЛА Доџерс, доби 20,3 милиони долари.

Сѐ уште е рано е да се каже колку годинава ќе добијат Ред сокс и Доџерс, но сигурно е дека тоа ќе бидат солидни суми пари. Процентуално тоа би изгледало вака: светскиот шампион 36 отсто, поразениот во финалето 24 отсто итн.
Откако парите ќе се поделат меѓу клубовите, останува играчите да одлучат кој колку ќе добие од заработката на нивниот тим.

– Секоја година, како што е предвидено според договорот помеѓу Синдикатот на играчите и Мејџор бејзбол-лигата (МЛБ), тимовите се состануваат и се договараат за распределбата на добивката. Играчите може да ги поделат парите на различни начини, на оние што играле во текот на годината, но не биле на списокот за плејофот, потоа главните и помошните тренери итн. Плус може да се наградат и други лица како помошните службеници, готвачите, вработените во делот за односи со јавноста, чувари, возачи на автобуси и други – пишува „Њујорк тајмс“.

Лани Астрос ги подели своите добивки во 60 „полни“ акции во вредност од по 438,901 долар, 9,2 „делумни“ акции и четири парични награди. Доџерс одлучи добивката да ја подели во 65 „полни“ акции во вредност од 259,722 долари, 12,8 „делумни“ акции и 14 парични награди. 


За плати над 100 млн долари годишно

Бостон Ред сокс и ЛА Доџерс се двата најбогати бејзбол-клубови во САД. Платите на играчите на Ред сокс од над 228 милиони долари се највисоки во овој спорт, а Доџерси за платите издвојуваат малку под 200 милиони долари и се треторангирани во оваа категорија (втори се Сан Франциско џајантс со плати од 205,6 млн долари). Инвестициите на Ред сокс и на Доџерс се исплатија, за разлика Џајантс, кои завршија со четвртиот најлош ефект сезонава во Националната лига.
Тимовите најголемиот дел од парите ги трошат на играчите, за нивно ангажирање и за плати. Дејвид Прајс, Рик Порчело и Крис Сејл од Ред сокс имаат годишна плата од 30, 20, односно 12,5 милиони долари. На спротивната страна, во Доџерс најплатениот е Клејтон Кершоу, со 35,5 милиони долари годишно, па Рич Хил 16,7 млн долари итн. Вкупно за плати Ред сокс и Доџерс за своите играчи издвојуваат речиси 100 милиони долари годишно, што е повеќе од која било од другите 28 екипи во МЛБ. Л.Д.