ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Челси и Ливерпул одиграа возбудлив и резултатски интересен натпревар, кој заврши без победник (2-2), што најмногу му одговара на бранителот на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, Манчестер сити, кој по 21 коло се зацврсти на лидерската позиција со 10 бода повеќе од Челси и 11 од Ливерпул и натпревар помалку. Првпат по 1994 година на стадион на кој се играат мечеви во Премиер-лигата, на илјадници гледачи им беше дозволено да стојат на трибините. Стадионот „Стамфорд бриџ“ на Челси е „пионер“ во она што се нарекува „безбедно стоење“ како дел од пилот-проектот во кој се вклучени и Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Кардиф. На нивните стадиони ќе има лиценцирани места за „безбедно стоење“. Стадионите со седишта станаа задолжителни во двете најсилни лиги на Англија од 1994-та, следејќи ги безбедносните препораки дадени по трагедијата на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд во 1989 година. Британска влада утврди дека сега е време да се почне со процедурите за тестирање.

– Ова е еволуција на фудбалот. Секој си има место, со пречка пред и зад него, за да се спречи движењето назад или напред, особено во моментите кога има гол или нешто слично. Значи, ова е безбедно стоење, токму како што се наведува – изјави министерот за спорт Најџел Хадлстон.

Полицијата е повнимателна во врска со „безбедното стоење“ и евентуалните ризици што може да се јават.