НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

Викендов во Давос, Швајцарија, на натпревар во рамките на Светскиот куп (СК) во нордиско скијање првпат ќе настапат и македонски натпреварувачи. Тоа се Ставре Јада, репрезентот на Македонија на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2018 во Пјонгчанг, Јужна Кореја, кој има обезбедено и А-норма за престојните ЗОИ во Пекинг 2022, и Ана Цветаноска.
– Пред неколку дена добивме дозвола од Светската скијачка федерација (ФИС) да настапиме во Давос, на 11 и 12 декември. Јас ќе трчам на 1,6 км спринг и на 15км, а Цветановска на 10 км. Тоа ќе биде големо искуство за нас, на трки во СК, со елитата, за првпат во историјата на македонското нордиско скијање. Добро се чувствуваме, насочени сме кон главната цел, Игрите во Пекинг во февруари 2022-та. Минатите дваесетина дена, јас и Ана, која брка норма за настап во Пекинг (кандидатка е и Михаела Данеска, н.з.) бевме на подготовки во Ливињо, Италија, на 1.880 метри надморска височина, сѐ беше според планираното, добро трениравме и се надевам на добри резултати, како во Давос, така и на трките што ќе следуваат – вели Јада.
По Давос, македонските нордијци ги чекаат неколку трки на Балканот, во БиХ. Тие трки се дел од подготовките на Јада за настапот во Пекинг, но се многу важни за Ана Цветаноска, која на четирите планирани трки ќе се обиде да освои што повеќе поени и да си обезбеди „виза“ или Б-норма за настап на ЗОИ.