Александар Маленко е претседател на непостојна Пливачка федерација на Македонија (ПФМ), која е пререгистрирана во Национална пливачка федерација (НПФ) со валидно решение за вршење дејност издадено од Централен регистер. Маленко и понатаму манипулира со македонската јавност, како и со Светската пливачка асоцијација (ФИНА). Кај него сѐ уште се кодовите за пристап до ФИНА за официјална комуникација, како што се пријавување пливач(к)и за натпреварувања, изјави претседателот на Националната пливачка федрација на Македонија, Александар Филипчев, на денешната прес-конференција, а во врска со последните случувања во македонското пливање.
Во меѓувреме Маленко преку ПФМ наводно пријавил седуммина пливач(к)и за настап на претстојното Европско првенство (ЕП) во Будимпешта (Унгарија), кое треба да се одржи од 17 до 23 мај.
– Тоа е уште една од низата опструкции на Маленко во минатите две години. Тој не е подготвен за каква било соработка. Не е јасна и ситуацијата околу тоа кои пливачи ќе ја претставуваат Македонија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио летово. Крајниот рок е до крајот на јуни, а како и досега од неколкуте кандидат(к)и би требало да се одбере една пливачка и еден пливач со најмногу бодови, односно Б-норма, кои би добиле т.н. специјална покана. И тука е матна работата, Македонскиот олимписки комитет (МОК) е на страната на Маленко, односно ПФМ ја смета за легитимна, а со нас не комуницира. Но законот е на наша страна, потврда за тоа е решението од Централен регистер, а чекаме и на реакцијата од Агенцијата за млади и спорт (АМС), која треба да ѝ стави крај на оваа лоша ситуација, која е на штета на пливањето во Македонија – истакна Филипчев.
Од страна на НПФ на Македонија до Јавното обвинителство на Македонија е поднесена нова кривична пријава против т.н. претседател Александар Маленко од т.н. Пливачка федерација на Македонија и за друго кривично дело, а постапката е во тек.
– Имајќи го предвид погоререченото, ги повикуваме надлежните органи да превземат дејствија спрема Олимпискиот комитет на Македонија и т.н. ПФМ со т.н. претседател Александар Маленко и да утврдат на кој начин, на која основа, цел и колку финансиски средства од Интернационал олимписки комитет (ИОК) и Светската пливачка асоцијација (ФИНА), од страна на Олимпискиот комитет на Македонија, се дадени и потрошени за активности на т.н. ПФМ со т.н. претседател Маленко – беше речено меѓу другото на денешниот прес на НПФ на Македонија. Л.Д.