Формула 1 обично се одржува во текот на три дена, со два тренинга во петокот и еден во саботата, пред квалификациите подоцна тој ден и трката во неделата. Но во Имола има само една тренинг-сесија, утринава, пред квалификациите од 14 часот и трката утре од 13.10 часот. Вакво искуство возачите имаа годинава, но тогаш поради лошото време не излегоа на патеката во петокот пред трката во Нирбургринг
По 14 години утре (13.10 часот) одново ќе се вози трка во Формула 1 на патеката во Имола, за големата награда (ГН) на Емилија Ромања. Автодромот „Енцо и Дино Ферари“ ќе биде домаќин на третата трка во Италија сезонава, по Монца и Муџело. Првпат во Формула 1 тркачкиот викенд е скратен од три на два дена, со само една тренинг-сесија, денеска. Вакво искуство возачите имаа годинава, но тогаш поради лошото време не излегоа на патеката во петокот пред трката во Нирбургринг.
Ф1 обично се одржува во текот на три дена, со две 90-минутни тренинг-сесии во петоците, едночасовен тренинг во саботата, пред квалификациите подоцна тој ден и трката во недела. Но во Имола има само една 90-минутна тренинг-сесија, денеска наутро, за тимовите и за возачите да се навикнат на патеката пред квалификациите од 14 часот.
Патеката беше домаќин на трката за ГН на Италија во 1980 година, а потоа од 1981 година стана дом на трката за ГН на Сан Марино до 2006 година, кога Михаел Шумахер победи седми пат, пишува „Ројтерс“. Кими Раиконен е единствениот актуелен возач што претходно настапил во Имола во Формула 1.
Шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон има рекордни 92 победи од 262 старта во Формула 1, рекордни 97 пол-позиции (почеток на трка од првата позиција), најмногу пласмани на подиумот, 161, а прв е и на листата со пласмани во трка за кои се освојуваат поени, 45 во низа, во кариерата. Британецот има победи и во рекордни 24 земји и 28 различни патеки. Тој победи на осум трки годинава, неговиот тимски колега Валтери Ботас триумфира на две, а на по една Макс Ферстапен и Пјер Гасли.
Патеката „Енцо и Дино Ферари“ е долга 4,909 км, а возачите треба да изминат 63 круга, за трката долга 309,049 км.