Насковски растеше во Домот за деца без родители и својата шанса за афирмација меѓу другарчињата ја бараше преку спортот. Тој стана вистински боксерски шампион, балкански и интерконтинентален првак. Настапи и на СП во Берлин и на ЕП во Вејле

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (158)

На боксерскиот ринг во Македонија во минатото шампионите никнуваа како печурки. Имаше неколку града, кои беа препознатливи по тоа што беа извори на таленти, кои стигнаа и до боксерските височини. За Куманово, од кое потекнаа два големи боксерски аса, Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, знае и светската спортска јавност, потоа Скопје, во кое првите чекори на рингот ги направија неколку прваци во младинска и во сениорска конкуренција на поранешна Југославија меѓу кои најпознат беше Азис Салиху. Битола, Штип и Велес во минатото, исто така, дадоа повеќе квалитетни боксери.

Сите овие градови, за жал, денес не може да се пофалат дека располагаат со квалитетен бокс, но останува фактот дека на „благородната вештина“ ѝ подарија боксери за кои и денес со пиетет се зборува. Еден од плејадата шампиони, кој во последната декада од минатиот и првата од овој век се прослави на рингот, беше и Тони Насковски. Тој почна да се занимава со бокс уште од раното детство, кога престојуваше во домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.
– Како малечок многу бев темпераментен и сакав да се занимавам со некој спорт. Познатиот тренер Миле Смилевски, кој работеше со една група млади боксери, постојано беше во салата на училиштето „Христијан Тодоровски- Карпош“, во кое и јас учев. Така, гледајќи ги како секојдневно тренираат и кај мене се роди желба да почнам да се занимавам со бокс – вели Насковски.

Кога кон крајот на 80-тите години од минатиот век, Тони Насковски првпат ги стави боксерските ракавици веќе не се раздели од рингот. Тренираше редовно и сакаше да им покаже на своите другарчиња колку е силен тој. И навистина беше така, уште од првите моменти стана јасно дека во ова црномуресто момче се кријат сите неопходни особини за да стане голем шампион. Тој беше брз, имаше силен удар, а што е многу битно беше храбар и не се плашеше.

ПРВАТА ТИТУЛА ВО ПАНЧЕВО
По неколкумесечна работа, Насковски веќе ги имаше првите спаринг-мечеви со своите другарчиња. Иако од некои од нив многу подоцна почна да тренира, тој веќе успеваше да ги победи.
– Тоа ме охрабруваше и ми даваше мотив да тренирам уште пожестоко. Веќе никој не можеше да ме „истера“ од салата, рингот и боксот станаа мое секојдневие. По првите мечеви слушав како луѓето и тренерите коментираат дека сум храбар и талентиран и дека од мене може да стане добар боксер. Во мене многу веруваше и истото тоа ми го велеше и мојот тренер Смилевски. Што се однесуваше до мојата боксерска иднина, тој беше голем оптимист – се сеќава Тони.
Откако дојдоа првите мечеви, веќе се наѕираше дека е роден голем талент и беше прашање на време кога тој ќе го покаже вистинското лице. За да дојде до тоа, не требаше многу да се чека. Откако го помина оној период кога како пионерче настапуваше во воведните борби пред главните мечеви, дојдоа и оние посериозни настапи.

– Знаев дека Тони со својата настојчивост и волја брзо ќе се пробие меѓу најдобрите во својата конкуренција. Кога го гледав со каков ентузијазам тренира просто и јас се одушевував. Си мислев дека ова момче, ако продолжи вака, мора да успее – вели тренерот Миле Смилевски.
Тренерот имаше право, веќе на првите борби од младинското првенство на Македонија тој лесно ги совладуваше противниците и дојде до првата републичка титула. Овој успех му го отвори патот за настап на младинското првенство на Југославија во Панчево во 1992 година.
– Таму не се уплашив од фактот што конкуренцијата беше многу посилна. Одбоксував добро и дојдов до првата вредна титула, станав младински шампион на поранешната држава. Тоа беше нов стимул и мотив повеќе да продолжам со несмален интензитет да тренирам и да ги очекувам следните настапи – се сеќава Тони Насковски.
Од тие моменти, кога ја освои шампионската титула на последниот шампионат на државата, која почна да се распаѓа, почнува вистинската кариера на еден од нашите најдобри боксери. Тој сега имаше шанса да се бори на меѓународниот ринг, но во дресот на Македонија.

МАЛЕР НА СП ВО БЕРЛИН
Откако на рингот во самостојната држава немаше противник, Насковски често се појавуваше на ринговите надвор од Македонија. Тој имаше забележителни настапи на „Златниот гонг“, на кој меѓу другите го совлада и европскиот вицешампион Бугаринот Штилијанов, кој потоа стана познат и на професионалниот ринг. Пред налетите на Насковски „настрада“ и Французинот Шињон, на познатиот турнир „Странџата“, во Бугарија. Инаку, овој турнир беше квалитетен и боксерските стручњаци сметаа дека е тоа минисветско првенство. Токму таму Насковски стигна до финалето, во кое одбоксува нерешено, 4-4, со Кубанецот Меса. Меѓутоа, победата му беше доделена на Меса, веројатно најмногу поради фактот што тој беше прв на светската ранг-листа во својата категорија.

– Тоа беше жестока борба, која ги „запали“ и гледачите. Салата беше преполна, а почувствував дека гледачите ми ја даваа поддршката. Но на крајот судиите гласаа за Меса. Имаше свирежи од публиката со кои таа го изрази своето незадоволство од судиската одлука, но бев задоволен од она што го прикажав. Овој меч ми даде нов импулс и покажа дека можам да се носам и со најсилните боксери на аматерскиот ринг – се сеќава Насковски.
Потоа, во 1995 година дојде настапот на Светското првенство во Берлин. Овде, под водството на тренерот Миле Смилевски настапи и Тони Јаневски. Двајцата не стигнаа до завршните борби, а Насковски беше следен и од еден малер.
– Иако во почетниот меч чувствував дека сум подобар од противникот, добив еден силен и нечист удар над слабината, кој ме оневозможи да одам кон победата. Повредата беше причина што не стигнав до медал – се сеќава Насковски.
Следната година настапи и на Европското првенство во Вејле. За жал, на почетокот беше поразен од Шкотланѓанецот Харисон. Јаневски, пак, на истото првенство загуби од уште еден боксер од Островот, Ирецот Мек Кин.

НА ПРОФИ-РИНГОТ ДО НАЈВИСОКАТА ТИТУЛА
Ако на аматерскиот ринг немаше среќа да освои медал на големите приредби, на професионалниот ринг Тони Насковски ја покажа вистинската сила. Тој прво ја освои балканската титула, а потоа стигна и до интерконтинентален првак.
– На профи-рингот ми беше некако полесно да се организирам. Тука мечевите не беа многу чести и имав доволно време да се фокусирам на противниците. За секој посебно се подготвував и го чекав денот на пресметката – вели Тони.
Насковски прво стана балкански првак. Тој во борба за титулата го совлада Бугаринот Голаков во меч што траеше 10 рунди. Победи на поени, го освои шампионскиот колан и веќе се стремеше кон следните цели.

– Од професионалниот живот посебно ќе ми остане во сеќавање победата над повеќекратниот европски, светски и олимписки носител на медали Бугаринот Серафим Тодоров. Со него имав еден жесток судир во Велес, во кој дојдов до победата. Од тие моменти веќе сите што ги следеа случувањата на профи-рингот, почнаа со голем респект да гледаат кон мене. Така, кога поради повреди и откажувања на оние што беа на првите места за борба за интерконтиненталната титула, мене ми се даде можност да ги вкрстам ракавиците со Чехот Јаромир Адам – вели тој.
Претходно, во Битола Насковски имаше еден извонреден меч со Коба Гоголадзе од Грузија, кој, исто така, беше боксер со медали од аматерските првенства. Во борбата, која беше исцрпувачка и траеше 10 рунди, Насковски победи на поени и се проби на горните места од светската ранг-листа, што му даде можност да се бори за интерконтиненталната титула. Во тој меч, што се одржа во Скопје, Насковски во салата во „Кале“, поддржан од повеќеилјадната публика, меѓу која најбучни беа навивачите од населбата Илинден, тој го „прегази“ Јарослав Адам, го нокаутира и дојде до победничкиот колан за интерконтинентален (светски) првак. Ова беа незаборавни моменти за славење, кои ја заокружија богатата кариера на еден од нашите најдобри боксери, Тони Насковски, кој, меѓу другото, и пет пати ја освојуваше титулата првак на Македонија.


Тони Насковски

Роден: во 1974 година во Скопје
Кариера: БК Водно, потоа Дел-Фуфо, репрезентација на Југославија и на Македонија
Успеси: петкратен шампион на Македонија, младински првак на Југославија, балкански и интерконтинентален првак на профи-рингот, учесник на аматерското СП во Берлин во 1995 година и на Европското првенство во Вејле во 1996 година. Повеќе од 120 борби, 19 порази.