Крег Тајли

ПОЧЕТОКОТ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Годинава на Австралија опен тенисерите мораа да поминат 14 дена во хотелски карантин, иако на повеќето им беше дозволено да тренираат до пет часа дневно. За турнирот в година се планира играчите да можат слободно да се движат помеѓу хотелот и терените две недели во т.н. биосигурносен меур

Организаторите на гранслем-турнирот Австралија опен планираат пред почетокот на турнирот тенисерите две недели да бидат во карантин во т.н. биосигурносен меур пред турнирот в година во Мелбурн, наместо да бидат подложени на строг хотелски карантин, пишува „Скај спорт“. Годинава на Австралија опен, тенисерите, тренерите и службените лица мораа да поминат 14 дена во хотелски карантин откако пристигнаа во Австралија поради ограничувањата поради ковид-19, иако на повеќето им беше дозволено да тренираат до пет часа дневно на затворени терени. Меѓутоа, околу 70 играчи, кои се сметаа за блиски контакти со позитивни случаи на летовите кон Австралија, не можеа да ги напуштат хотелските соби за време на целата нивна изолација. Шефот на турнирот, Крег Тајли, вели дека играчите нема да бидат подготвени повторно да ги поминат истите услови за карантин.

– Има долг период до почетокот на турнирот, но во овој момент планираме да имаме двонеделен меур, во кој играчите ќе можат слободно да се движат помеѓу хотелот и терените. Ќе бидат заштитени, безбедни меѓу себе и безбедни и од заедницата. По тие две недели, тие ќе излезат и ќе можат да се натпреваруваат на Австралија опен пред многу луѓе. Сега работевме со Владата и со здравствените власти за бројот на гледачите и како конкретно ќе изгледа Австралија опен – вели Тајли.