Повеќе од 300 веслачи од Србија, БиХ, Романија, Турција, Грција, Бугарија и од Македонија утре ќе настапат на Балканскиот шампионат во веслање, во кадетска и во јуниорска конкуренција

УТРЕ БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО

Во Струга, во организација на Веслачката федерација на Македонија (ВФМ), а техничка на веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга, потпомогната од Балканската веслачка асоцијација, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Македонскиот олимписки комитет (МОК), повеќе од 300 веслачи од Србија, БиХ, Романија, Турција, Грција, Бугарија и од Македонија утре ќе настапат на Балканскиот шампионат во веслање, во кадетска и во јуниорска конкуренција.
– Поради прогласената тридневна жалост во Македонија, наместо в сабота и в недела, сите натпревари во сите дисциплини ќе се одржат в недела. Вчера и денеска на езерото се одвиваат интензивни тренинзи на натпреварувачите. Сѐ оди според планот, езерото е преполно со чамци, нешто невидено досега. Сите репрезентации што го најавија учеството веќе се пристигнати во Струга. Вчера имaa состанок менаџерите на репрезентациите, а заседаваше и судискиот одбор. Ќе има натпревари во двоец, четверец, осмерец, скиф, дубл, всушност во сите оние дисциплини што се застапени и на светските првенства и на олимписките игри, а најдобрите ќе ги добијат заслужените медали в недела – ни изјави Игор Скепароски, технички секретар на ВФМ и претседател на Организацискиот одбор на Балканскиот шампионат 2021 во Струга.
Покрај натпреварувачкиот карактер, Балканскиот шампионат секако ќе придонесе уште повеќе и за развојот на веслачкиот спорт во Македонија, а наедно и ќе го круниса речиси 90-годишното постоење на веслачкиот спорт во Македонија.