АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Чатер со стартен број 41 ги изненади сите
Мартин Чатер (Словенија), со стартен број 41, победи во првиот спуст сезонава во Светскиот куп (СК), одржан во Вал д’Изер, откако имаше неверојатно возење и успеа да скија брзо на сите делови од патеката, изненадувајќи ги сите (вклучувајќи се и себе) на целта, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС), на својата интернет-страница.
Тоа е негова прва победа (и воопшто пласман на подиумот) во СК. До тој момент во водство беше Отмар Стридингер (Австрија), кој го освои второто место и се врати на подиумот по речиси 20 месеци. Третото место му припадна на Урс Криенбел (Швајцарија).
Сезонава во СК за мажи се одржаа седум трки (пет велеслалома и по еден паралел-велеслалом, супервелеслалом и спуст) и во секоја од нив имаше различен победник. СК продолжува со пет трки во низа, прво викендов во Вал Гардена во супервелеслалом и во спуст, потоа во Алта Бадиа во велеслалом и во слалом и во Мадона ди Кампиљо во слалом. Алексис Пинтуро од Франција води во генерален пласман во Светскиот куп.
СП ВО СКИЈАЧКИ ЛЕТОВИ
Петта титула за Норвешка
Светското првенство (СП) во скијачки летови на Планица (Словенија) заврши во неделата со фантастично тимско натпреварување во кое титулата ја одбрани Норвешка. Како и поединечниот натпревар, така и тимскиот не беше решен пред последниот скок. Овој пат, извонредниот Норвежанец Халвор Егнер Гранеруд (светски вицешампион) и неговиот тим завршија на врвот. На второто место се најдоа светскиот првак Карл Гајгер и германскиот тим, а потоа следуваше репрезентацијата на Полска.
Даниел Андре Танде, Јохан Андре Форфанг, Роберт Јохансон и Гранеруд ја освоија петтата екипна титула на СП (претходно во 2004, 2006, 2016 и во 2018 година). По освојувачите на медалите следуваа селекциите на Словенија, Јапонија, Австрија, Русија, Финска итн. Светскиот куп продолжува за скокачите следниот викенд во Енгелберг (Швајцарија).
ИН МЕМОРИАМ
Почина Жерар Улие
Французинот Жерар Улие, поранешниот менаџер на фудбалските премиерлигаши Ливерпул и Астон вила, почина на 73-годишна возраст. Улие помина шест години на стадионот „Енфилд“, од 1998 до 2004 година, водејќи го Ливерпул на 307 натпревари, притоа освојувајќи вкупно пет трофеи, од кои три во 2001 година, во Купот на УЕФА, во ФА-купот и во Лига-купот. Улие 38 години беше тренер и менаџер, меѓу другите и на француските тимови Ленс, Лион и ПСЖ, со кој во 1986 година ја освои првата титула првак на Франција. Тој беше и селектор на Франција од 1992 до 1994 година.