Гледачите се враќаат на фудбалските стадиони во Англија
На спортските настани на отворено во областите со најмал ризик во Англија ќе можат да присуствуваат најмногу до 4.000 гледачи, откако на 2 декември ќе заврши четиринеделната забрана за јавни собири. До 2.000 лица ќе можат да бидат на мечевите во областите од второ ниво на ризик, а во третите, со најголем ризик, ниту еден. Во затворените објекти, во областите еден и два, ќе можат да присуствуваат до 1.000 гледачи. А во кои нивоа се распределени областите, треба биде познато утре. Ваквите нови мерки ги најави премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, пишува „Би-би-си“.
Фудбалот во четирите најдобри англиски дивизии, поради пандемијата на коронавирусот, се играше зад затворени врати од продолжувањето на минатата сезона, во јуни. Премиер-лигата соопшти дека ја поздравува можноста гледачите да се вратат во „мал број“, но се надева дека во соработка со Владата ќе може тоа да се зголеми за да се спречи клубовите да работат „со финансиска загуба“.
Англиската фудбалска лига ја разгледува можноста за одложување на некои натпревари за следната недела, 1-2 декември за да се совпадне во новиот план.
– Премиерлигашите се способни, слично на искуствата од неколку други земји, да обезбедат настани на отворено со физичко дистанцирање, хигиенски стандарди и друго на некои од технолошки најсовремените стадиони во светот – изјави Даниел Леви, претседателот на премиерлигашот Тотенхем. Л.Д.
РАКОМЕТ
Данска го потврди самостојното домаќинство на ЕП
По откажувањето на Норвешката ракометна федерација од заедничка организација на Европското првенство (ЕП) за жени, данската влада и данските здравствени власти дадоа дозвола за одржување на ЕП во Данска, но под исклучително строги здравствени протоколи за превенција и заштита од коронавирусот. По одлуката на данските власти, Европската ракометна федерација (ЕХФ) и официјално објави дека од 3 до 20 декември данските градови Колдинг и Хернинг ќе бидат домаќини на 16-те селекции-учеснички. Та.Д.