Денеска се одржува Априлскиот коњички турнир

Априлскиот коњички турнир и првото коло од отвореното лига-првенство на Македонија за 2023 година ќе се одржи денеска, од 11 часот, според план-календарот на Федерацијата за коњички спорт на Македонија, во организација на коњичкиот клуб Анималс од Скопје, на теренот на клубот што се наоѓа во населбата Дрма-Идризово. На програмата се три натпревари во прескокнување пречки, и тоа со височина на пречките од 70 см до 1,1 метар, а широчина од 1,30 метар.


Викендов светот ќе добие нов првак во шах

Со реми заврши 13-та партија од мечот за светската шаховска титула помеѓу Јан Непомнијашчи од Русија и Динг Лирен од Кина, по што вкупниот резултат е нерешено, 6,5-6,5. Вчера беше слободен ден за шахистите, а денеска на програмата е последната партија во класичен шах во трката за светската титула. Во случај на нерешен резултат по 14 партии, утре ќе се игра т.н. тајбрејк, со одигрување партии со забрзано темпо за размислување, по што ќе се добие новиот светски шампион во шах. Наградниот фонд е два милиони евра, од тоа 60 отсто за победникот и 40 проценти за второпласираниот ако дуелот заврши по 14 партии. Во случај титулата светски првак да се реши во тајбрејкот, победникот ќе добие 55 отсто, а второпласираниот 45 проценти од наградниот фонд.


Основана е Унија на европски клубови

Европските клубови што се чувствуваат изоставено од фудбалската политика неделава основаа нова лоби-група, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Унијата на европски клубови (УЕК) се состана во Брисел со околу 40 клуба, вклучувајќи шест од Шпанија, пет од Англија и четири од Германија.
– Чувствуваме дека не сме застапени никаде во европскиот фудбал – рече косопственикот на англискиот Кристал палас, Стив Периш, пренесе АП.
УЕК верува дека има околу 1.400 професионални клуба во Европа што немаат глас и треба да бидат претставени во одборите за одлучување на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува „Би-би-си“.