ФУДБАЛ – ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК
Финалистите во ЛШ, досега ангажираа само петмина новаци
Вложените пари во фудбалските трансфери летово во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија) се доближија до три милијарди фунти, според интерактивната страница на британскиот весник „Гардијан“. Така, за 1.123 трансфери во летниот преоден рок клубовите од тие пет лиги вложиле 2,9 милијарди фунти (околу 3,44 милијарди евра).
Според податоците на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), пак, 26-те клуба директни учесници во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) во новата сезона, направија повеќе промени во своите состави, а засега најмалку има германскиот Баер Леверкузен, со само еден нов фудбалер. Потоа, според УЕФА, се шпанските Реал Мадрид, актуелен европски првак, и Севилја со по двајца новаци, Атлетико Мадрид од Шпанија, европскиот вицешампион Ливерпул и Манчестер сити од Англија, како и Лајпциг од Германија имаат по тројца нови фудбалери во однос на минатата сезона итн.
Ди Граси: Фетел би бил добредојден во Формула Е
Одлуката на Себастијан Фетел да ја напушти Формула 1 доведе до многу шпекулации за тоа што следува, при што тој сигурно ќе има многу можности, пишува британскиот дневен весник „Индепендент“. Откако го објави своето повлекување од Формула 1 на крајот на јули, извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, најави улога во хиерархијата на шампионатот, но Германецот навести дека може да тргне целосно во нова насока. Говорејќи во видеото за најава за пензионирањето, тој истакна дека верува во „промена и напредок и дека детали прават разлика“, додека Фетел, исто така, често зборуваше за потребата од борба против климатските промени, да се подобри зелената технологија и да се направи спортот повеќе одржлива животна средина, пишува „Индепендент“.
Сите тие карактеристики се најважни во друг тркачки екосистем: целосно електричниот шампионат на Формула Е, каде што иконата на серијата, Лукас ди Граси, инсистира дека Фетел би бил повеќе од добредојден доколку сака нов предизвик, но да ја продолжи својата тркачка кариера во поодржлива средина.
– Би сакал. Многупати се тркавме заедно, јас и Фетел. Во Формула 3 поминавме две години заедно – изјави Ди Граси за „Индепендент“.
И Ди Граси е отворен за потребата да се влијае на промените во спортот и во светот, притискајќи за подобрена технологија за електрична мобилност и поголем акцент на одржливоста, пишува „Индепендент“.
БЕЈЗБОЛ
По четири години, МЛБ-лигата се враќа во Европа
Американско-канадската бејзбол-лига (МЛБ) по четири години ќе се врати во Лондон со мечевите Сент Луис кардиналс – Чикаго кабс, на стадионот на Вест Хем, в година, објави британскиот дневен весник „Индепендент“. Мечевите се предвидени за 24 и за 25 јуни 2023 година, објави МЛБ. Овие дуели во Лондон се враќање во домот на Вест Хем, по инаугуративната серија во 2019 година помеѓу Бостон ред сокс и Њујорк јенкис, кога првпат во Европа се играа натпревари од регуларната сезона.
Двата тима претходно играа натпревари од регуларната сезона на меѓународна сцена. Во 2000 година, Чикаго кабс во Токио ја отвори сезоната со два натпревара против Њујорк метс, во 2003 година одигра серија од три меча против Монтреал експос во Порторико, а во 2019 година Сент Луис играше двапати со Синсинати редс во Монтереј, пишува „Индепендент“.