ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Клоп може да им се приклучи на најуспешните, Анчелоти да се издвои на врвот
Петта сезона по ред тренер на барем еден од финалистите во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) е од Германија, сезонава тоа е Јирген Клоп со Ливерпул. Со евентуална титула, тој може да им се приклучи на дваесетината тренери што имаат најмалку два трофеја во ЛШ, а Карло Анчелоти, тренерот на другиот финалист, Реал Мадрид, со триумф би станал најуспешниот меѓу кормиларите во тоа натпреварување, со четири триумфа (по три имаат и Боб Пејсли со Ливерпул и Зинедин Зидан со Реал Мадрид).
Три титули во низа освоија тренери од Германија, и тоа Клоп во 2019 година со Ливерпул, Ханси Флик во 2020-та со Баерн и Томас Тухел лани со Челси. Во 2018 година, Клоп беше финалист со Ливерпул. Германските тренери досега имаат 10 титули, и тоа по две Дитмар Крамер (со Баерн во 1975 и во 1976 година), Отмар Хицфелд (со Борусија Дортмунд во 1997 и со Баерн во 2001 година) и Јуп Хејнкес (со Реал Мадрид во 1998 и со Баерн во 2013 година), а по една Удо Латек (со Баерн во 1974 година), Клоп, Флик и Тухел. Рекордери се тренерите од Италија со 11 титули (Анчелоти има три, Нерео Роко и Ариго Саки по две, Џовани Трапатони, Фабио Капело, Марчело Липи и Роберто ди Матео по една).
Реал Мадрид може да ја повтори сезоната 1999/2000
Три тима досега станале европски фудбалски прваци со по четири пораза во текот на соодветната сезона. На таа листа се и двата финалисти сезонава, Ливерпул, кој тоа го стори во сезоната 2018/2019, и Реал Мадрид, од сезоната 1999/2000. Третиот тим со европска титула по четири пораза во една сезона е Милан, од сезоната 2002/2003. Ливерпул сезонава загуби еден меч, а Реал Мадрид може да биде првиот со две титули по четири порази во една сезона, откако сезонава загуби од Шериф, ПСЖ, Челси и од Манчестер сити.
ТРИУМФ ВО КУПОТ НА ФРАНЦИЈА
Нант се враќа на европската фудбалска сцена по 20 години
Нант е освојувач на фудбалскиот Куп на Франција, првпат по 22 години, по минималната победа во финалето над Ница, со 1-0, на стадионот „Стад де Франс“.
За Нант ова е четврти трофеј во Купот на Франција и прв поголем триумф по освоената титула во Лига 1 во 2001 година. Згора, оваа победа значи и пласман на Нант во Лига Европа за следната сезона, за прва европска сезона по пауза од 20 години.
Ова беше првото финале во Купот на Франција од 2014 година во кое го немаше Пари сен Жермен, кој Ница го елиминира во осминафиналето во јануари, на пенали.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА
Јејтс и Де Поел се издвоија по две етапи во Унгарија
Британецот Сајмон Јејтс (29) победи на втората етапа на хронометар, долга 9,2 км во Будимпешта, на 105-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија. Холанѓанецот Матје ван дер Поел, победникот на првата етапа, беше втор, со што ги задржа водството и „розовата маичка“ во генералниот поредок, со предност од 11 секунди пред Јејтс, кој, инаку, не важи за специјалист во возење на хронометар.
– Возев најбрзо што можев. Ова е мојата најголема победа на хронометар. Се разбира, многу сум среќен, бидејќи по малку е неочекувана – изјави Јејтс, за кого тоа беше петта етапна победа на Џиро во кариерата.
Во 2018 година, Јејтс беше во водство на Џиро речиси две недели, но не издржа на планинските етапи и на крајот беше 21. Лани беше трет, а годинава е еден од најголемите фаворити за триумф.
По вчерашната трета етапа што се возеше во Унгарија, трката се сели во Италија, на Сицилија, каде што по денешниот прв ден за одмор, утре ќе се вози четвртата етапа, долга 166 км, од Авола до Етна, кај Катанија.