АТЛЕТИКА
Кипчоге во Париз ќе оди по третото олимписко злато во маратон
Во Токио лани 37-годишниот атлетичар стана само третиот човек што освоил два златни олимписки медали по ред во маратон. Кипчоге во својата олимписка колекција има и сребро од ЛОИ 2008 и бронза од ЛОИ 2004
Двократниот олимписки првак во атлетскиот маратон во машка конкуренција, Елиуд Кипчоге од Кенија, најави дека ќе се натпреварува на следните Летни олимписки игри (ЛОИ), во 2024 година, во Париз, за да додаде нов трофеј на титулите во друмско трчање на ЛОИ 2014 во Рио де Жанеиро и на ЛОИ 2020 во Токио, објави Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница.
На ЛОИ 2020 во Токио, одржани во 2021 година, 37-годишниот атлетичар стана само третиот човек што освоил два златни медали по ред на маратоните на ЛОИ, зацврстувајќи го своето наследство меѓу најголемите во маратонското трчање. Кипчоге ја одбрани својата титула во маратон во Рио во 2016 година со доминантна изведба на улиците на Сапоро, со што го освои четвртиот олимписки медал, по среброто во Пекинг во 2008 година и бронзата во Атина во 2004 година. Сега сака да ја заврши кариерата така што ќе го зацементира своето наследство како олимписка легенда, пишува ИОК.
– Уште имам нешто што врие во мојот стомак, затоа се радувам на тоа. Мојата главна мотивација е да го инспирирам целиот свет, а следната е љубовта кон спортот – рече Кипчоге на виртуелна медиумска конференција.
Кипчоге, амбасадор за ЛОИ 2024, им се придружи на Абебе Бикила од Етиопија (1960 и 1964 година) и на Валдемар Циерпински од Источна Германија (1976 и 1980 година), како единствени маратонци што освоиле последователни златни медали на летни олимписки игри, пишува ИОК.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Титула за Влхова, рекорд за Шифрин
Петра Влхова од Словачка на две трки до крајот на сезоната во слалом ги освои титулата и малиот кристален глобус во таа дисциплина во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, откако беше втора во ноќната слаломска трка во Шладминг, Австрија. Влхова, која води со 220 поени повеќе од второпласираната Микаела Шифрин, сезонава забележа пет победи и две втори места во слалом и за актуелната победничка во СК ова е втора титула во слалом (победи и во 2020 година).
Американката Шифрин победи во Шладминг и за неа тоа беше 47-от, рекорден триумф во слалом во СК. Со тоа таа го престигна легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк според бројот на победи во една дисциплина во СК. Стенмарк оствари 46 победи во велеслалом од 1973 до 1989 година. За Шифрин ова беше вкупно 73-та победа во СК, девет помалку од сонародничката Линдзи Вон и 13 помалку од рекордните 86 на Стенмарк. Шифрин најави дека ќе настапи во петте поединечни дисциплини на Зимските олимписки игри во Пекинг (од 4 до 20 февруари), во слалом, велеслалом, супервелеслалом, спуст и во комбинација. Л.Д.
ФУДБАЛ – ШПАНИЈА, СУПЕРКУП
Реал ја забележа 100-та победа во „Ел класико“
Реал Мадрид е првиот финалист во шпанскиот Суперкуп по победата над Барселона (3-2, во продолженијата), 100-та на 248 дерби-средби, т.н. „Ел класико“, петта по ред во сите натпреварувања. Мечот се одигра во Ријад, Саудиска Арабија. Барселона има 96 победи, но ниту една од 2019 година. Ланскиот победник во Суперкупот, Атлетик, синоќа во второто полуфинале играше против шампионот на Ла лига, Атлетико. Финалето треба да се игра в недела. Шпанскиот Суперкуп повторно се игра во Саудиска Арабија, откако поради пандемијата на коронавирусот минатогодишното издание се одржа во Шпанија. Натпреварите во Саудиска Арабија, во фајналфор-формат, ќе се играат до 2029 година. Л.Д.