ХОКЕЈ НА МРАЗ
На повидок хокеј „три на три“

Новиот претседател на Интернационалната федерација во хокеј на мраз (ИИХФ), Лук Тардиф, планира да воведе хокеј „три на три“, натпревари со по тројца играчи и еден голман во еден тим, на скратен терен, со цел тој спорт да биде и во програмата на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година.
– Мора да бараме нови начини за игра. Хокеј „три на три“ беше испробан на Младинските игри 2020 во Лозана, со играчи од сите нации, кои играа во различни тимови. Експериментиравме со прописите, го разгледавме концептот на безбедност, малку ги рафиниравме правилата. Искуството беше уверливо. Работиме огромна работа за ЗОИ, но само за шест медали. Мислам дека не ни се посветува должното внимание. Влијанието на хокејот на мраз вреди повеќе. Затоа си реков да воведеме „три на три“, за да бидеме малку поприсутни. Нема да бидеме подготвени за Италија (во 2026 година) и не знаеме каде потоа ќе бидат Игрите, но тоа би бил добар момент – рече, меѓу другото, Тардиф за Радио Канада. Г.И.


ФУДБАЛ

Десетти хет-трик на Роналдо за Португалија, 58. вкупно

Португалија забележа победа над Луксембург, со 5-0 во квалификациите за фудбалското Светско првенство во 2022 година, во мечот на кој Кристијано Роналдо (36) постигна хет-трик (два гола беа од пенал), 10-ти во репрезентативниот дрес, вкупно 58. во кариерата. На средбите со Луксембург тој постигна осум гола, повеќе отколку на мечевите со која било друга репрезентација. Роналдо стигна и до нов рекорд, 115 гола на 182-от настап за Португалија. Португалија во следното коло ѝ гостува на Република Ирска, а потоа во последниот решавачки меч за првата позиција во групата А игра дома со Србија. Л.Д.


Пуки го собори рекордот на Литманен

Финска го совлада Казахстан на гости со 2-0, во дуел од квалификациите за Светското првенство во 2022 година во фудбал, а двата гола ги постигна Тему Пуки, вкупно 33 за репрезентацијата, на 98 меча. Со тоа тој го надмина досегашниот рекордер во финската репрезентација, Јари Литманен, поранешниот играч на Ајакс, Ливерпул и на Барселона, кој има 32 гола, но на 137-те меча во националниот дрес. Финска е трета во групата Д, со осум бода по шест меча. Втора е Украина со девет бода, но и одигран еден меч повеќе. Л.Д.


„Ел класико“ пред полни трибини во Барселона

Добри вести за Барселона по одлуката на каталонската влада да дозволи фудбалските стадиони од утре да можат да бидат исполнети до максимум. Објавата доаѓа во вистинско време, пред т.н. „Ел класико“, дербито помеѓу Барселона и Реал Мадрид, што треба да се одигра на 24 октомври. Оваа промена на прописите ќе ѝ овозможи на Барселона да го наполни стадионот пред дербито со Реал Мадрид на уште два домашни натпревари што ѝ претстојат, првенствениот меч со Валенсија, в недела, како и дуелот со Динамо Киев во Лигата на шампионите (ЛШ), в среда. „Марка“ известува дека носењето заштитни маски ќе биде задолжително. Л.Д.