Претседателката на ШФМ Александра Гакидова им го предаде пехарот на шахистите на Алкалоид

ШАХ – ЗАВРШИ ЕКИПНОТО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

За најдобриот македонски шаховски клуб, ова е вкупно 23-та екипна титула, деветта во низа, а од 2012 година наваму клубот нема загубено ниту еден меч во домашниот шампионат!

Капитенот Јаќимовиќ со славеничкиот пехар

Шахистите на скопски Алкалоид се старо-нови екипни шампиони на Македонија, откако триумфираа на 29. Првенство на Македонија, кое се одигра во хотелот Дрим во „Струга“. Во конкуренција на осум екипи и по седум одиграни кола (се играше на по шест табли н.з.), Алкалоид оствари шест победи, едно реми, без пораз, односно освои 13 екипни бода (30,5 по табли). Второто место му припадна на пријатното изненадување Гостивар со 11 бода (29,5), колку што имаше и третопласираниот Гамбит Асеко СЕЕ, но со 28,5 по табли, што беше пресудно.
– Можеби најсилна и најинтересна лига досега. Ждрепката сакаше најбитните мечеви што го кроеја врвот на табелата да се одиграат во последните кола. Алкалоид полека влегуваше во форма и во решавачките моменти од турнирот играше на повисоко ниво од другите. Корона-времето, сепак, остави трага. Новата постава на раководството во ШФМ се потруди натпреварот да биде одигран на сигурно ниво, кое го налагаат ковид-мерките. Младите шахисти напредуваат и се надевам дека во иднина ќе бидат позастапени на Екипното првенство. Ова беше и убава генерална проба пред Европскиот клупски куп (ЕКК), кој треба да започне во Струга од 17 септември – ни изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

За најдобриот македонски шаховски клуб, ова е вкупно 23-та екипна титула, деветта во низа, а од 2012 година наваму клубот нема загубено ниту еден меч во домашниот шампионат!

Гамбит Асеко СЕЕ водеше по 5-то коло, но, сепак, решавачко беше 6-то коло, во кое Алкалоид во дербито го победи Гамбит Асеко СЕЕ со 4-2 (ВМ Андрејкин – ВМ Георгиев 1-0, ВМ Криворучко – ВМ Арнаудов 1-0, ВМ Инѓиќ – ИМ Николовски Н. 1-0, ИМ Панчевски – ФМ Ристески 0-1, ВМ Недев – ИМ Подлесник реми, ВМ Станојоски – ИМ Данчевски реми).

На првенството, покрај домашните, играа и 17 странски шахисти (8 ВМ и 7 ИМ), и тоа, од Србија (5), Хрватска (2), Русија (1), Украина (1), Црна Гора (1), Бугарија (3), Албанија (2) и Косово (2). Прворангиран беше ВМ од Русија Дмитри Андрејкин (2.724), а Македонката Ивана Манова (1.721) беше единствената шахистка што играше на првенството (Центар) и која на крајот освои 2 бода од пет партии, со што заработи и нови 10 рејтинг-поени. Освен Центар и Карпош, сите преостанатите клубови имаат странски засилувања во своите редови.

Поединечно, најуспешен шахист е ИМ од Косово Ндерим Сарачи (2.455), кој играше за Гостивар и освои шест поени од седум можни, зад него се ФМ Емил Ристески (2.317) од ШК Гамбит Асеко СЕЕ со 5,5 поени од седум можни, колку што имаше и ИМ Дејан Стојановски (2.421) од ШК Гостивар. Најмногу нови рејтинг-поени освоија Андреј Велјаноски (30,4), АФМ Антон Златков (24,4), Леонид Петрески (24), сите од ШК Центар итн. Најмногу рејтинг-поени, пак, загубија ФМ Душан Стефановски (-41,5) од ШК Гостивар, ФМ Зоран Илиќ (-34,6) од ШК Куманово, ВМ Кирил Георгиев (-24,5) од ШК Гамбит Асеко СЕЕ итн.

Резултати, 7. (последно коло): Гамбит Асеко СЕЕ – Прилеп 3-3, Центар – Алкалоид 2-4, Ампасан – Гостивар 0,5-5,5, Куманово Карпош 4-2.


Шампионскиот состав на Алкалоид

ВМ Дмитри Андрејкин (Русија, 2,724 рејтинг-поени), ВМ Јури Криворучко (Украина, 2.699), ВМ Александар Инѓиќ (Србија, 2.610), ИМ Филип Панчевски (2512), ВМ Трајко Недев (2.485), ИМ Тони Лазов (2.428), ВМ Звонко Станојоски (2.420), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и капитен на клубот (2.400), ВМ Влатко Богдановски (2.379), ВМ Роландо Кутиров (2.296).