На турнирите во Белград (викендов), Задар (20 и 21 јуни), Црна Гора (на 27 и 28) и во Бања Лука (3 и 4 јули) ќе играат Ѓоковиќ (прв на АТП-листата), Тим (трет), Зверев (седми)… Во следниот период се предвидени и егзибициски турнири во Франција, Чешка, В. Британија, Шпанија, САД итн.

Тенискиот турнир „Адрија тур“ ќе биде најголемата и најквалитетна спортска манифестација во светот по тримесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот, рече за српските медиуми организаторот на турнејата, светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ.

– Идејата за турнејата се роди пред помалку од еден месец. Обично, организацијата на тениските и спортските настани како овој трае многу подолго, помеѓу шест и 12 месеци, за да се организираат на највисоко можно ниво. Сепак, имавме многу силна волја, токму затоа што ќе донесеме дел од најдобрите светски тенисери, успеавме да организираме сѐ, во согласност со условите што ги наметнува моментната ситуација со коронавирусот, бидејќи здравјето и безбедноста на сите присутни се најважни – рече Ѓоковиќ, кој додаде дека станува збор за хуманитарно натпреварување, од кое средствата ќе бидат насочени кон програми за развој и едукација на деца, а од спортска гледна точка ќе биде одлична можност за натпревари на највисоко ниво во време кога има пауза во официјалните натпреварувања поради коронавирусот.

Првиот турнир ќе се игра на игралиштата на тенискиот клуб Новак во Белград викендов, вториот ќе биде во Задар (20 и 21 јуни), на 27 и 28 јуни тенисерите ќе се преселат во Црна Гора, а турнејата ќе заврши со мечевите во Бања Лука (3 и 4 јули). Освен Ѓоковиќ, дел од тенискиот спектакл ќе бидат Австриецот Доминик Тим (трет на АТП-листата), Германецот Александер Зверев (седми на АТП-листата), Бугаринот Григор Димитров (19-ти), Хрватите Борна Чориќ (33-ти) и Марин Чилиќ (37-ми) и други.

Во следниот период се предвидени уште неколку егзибициски турнири низ Европа, пишува „Би-би-си“. Во Франција од 13 до 17 јуни ќе се игра „Ултимејт тенис шоудаун“, на кој треба да учествуваат Стефанос Циципас, Матео Беретини, Давид Гофан… Во Велика Британија турнир во организација на седумкратниот шампион во двојки на гранслем-турнирите, Џејми Мареј, ќе се игра од 23 до 28 јуни. Двократната шампионка на Вимблдон Петра Квитова и светскиот рекет број три Каролина Плишкова организираат турнири од 13 јуни до 27 јули во Прага. Хуманитарни мечеви во машка и во женска конкуренција ќе се играат и во Шпанија од 15 јули до 9 август, од 23 до 28 јуни во САД, на кој ќе учествуваат 16 тенисерки (Софија Кенин, Бјанка Андрееску…).


Федерер нема да игра годинава

Легендарниот швајцарски тенисер Роже Федерер (38) нема да може да се врати на тениските терени до почетокот на 2021 година, објави германскиот „Кикер“. По завршувањето на Австралија опен, Швајцарецот во февруари го оперира десното колено, но Федерер ќе мора да оди уште на една операција, која ќе го оддалечи од терените најмалку до почетокот на следната година.
– Со нетрпение го очекувам враќањето на терен на почетокот на сезоната во 2021 – напиша Федерер на своите социјални канали.
Една од целите на рекордерот според бројот на освоени гранслем-трофеи (20) се Летните олимписки игри во Токио в година. Тој сега е четврти на АТП-листата.