За најдобрите одбојкари на Македонија од понеделник ќе следува завршната фаза од подготовките за настапот на Европското првенство, кое почнува на 1 септември
ОДБОЈКА – ПОДГОТОВКИ ЗА ЕП
Најдобрите македонски одбојкари ги завршија тринеделните подготовки во Маврово за настапот на Европското првенство (ЕП) 2021, кое почнува на 1 септември. Македонија, која вторпат во низа е на завршниот турнир, ќе игра во групата Ц, во Тампере, со домаќинот Финска, Русија, Турција, Шпанија и Холандија. Како и на ЕП 2019, Македонија во првиот меч се среќава со Финска. Четирите најдобри од групата одат во следната нокаут-фаза.
– Задоволен сум од сработеното во минатите недели, се тренираше напорно, по двапати на ден, на подобрување на општофизичката подготвеност, но не изостана и работата на некои тактичко-технички детали, во сала, со топка, на уигрување на тимот. Сѐ беше во ред, освен повредата на палецот на Иван Андонов, кој ќе мора да носи лонгета во следните 15 дена, што секако е хендикеп за нас – вели селекторот Душко Николиќ, кој во Маврово имаше на располагање 18 одбојкари.
По напорната работа во Маврово и слободниот викенд, од понеделник следува завршната фаза од подготовките, односно контролните натпревари за подобрување на формата.
– Во Скопје продолжуваме со тренинзите, по што следната среда би требало да патуваме за Белград, каде што се закажани две контролки со Србија, актуелниот европски првак, кој се подготвува за одбрана на титулата. По враќањето, повторно тренинзи во Скопје, до традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, кој ќе се одржи од 19 до 21 август и на кој, покрај Македонија, ќе настапат Израел, Словачка и Црна Гора. На тие натпревари треба да се добие увид во тоа што сме сработиле и што треба и може да се коригира до почетокот на ЕП – вели Николиќ, кој засега се воздржува да говори за шансите на Македонија во исклучително тешката група.
Пред две години, на деби-настапот на ЕП во Љубљана, Македонија забележа две победи, над Словенија и над Белорусија (по 3-1), но не успеа да се пласира во осминафиналето поради полошиот сет-количник од Финска. Овој пат групата е уште посилна, но амбициите на Македонија, па и очекувањата, се пласман во нокаут-фазата, меѓу 16-те најдобри селекции.
– За Македонија е битно што е повторно на завршен турнир, меѓу најдобрите во Европа. Репрезентацијата главно е составена од искусни, прекалени одбојкари, кои зад себе имаат едно ЕП, многу мечеви во квалификациите за ЕП и во Европската сребрена лига, а има и неколку помлади одбојкари што се наметнуваат. Добра околност за одбојката во Македонија е и фактот дека ќе биде еден од домаќините на ЕП 2023, со што ќе продолжи континуитетот играње на големите турнири – истакнува Николиќ.