Од најголемите шест светски маратони годинава, трка се одржа во Токио, само со учество на врвни маратонци, откажани се трките во Њујорк, Берлин и во Бостон (ќе има виртуелна верзија), а на програмата засега сѐ уште се настаните во Лондон (за 4 октомври) и во Чикаго (за 11 октомври)

АТЛЕТИКА

Поради пандемијата на коронавирусот се откажани атлетските маратони во Њујорк и во Берлин, пренесе „Би-би-си“. Маратонот во Њујорк, кој е најголемиот тркачки настан во светот, на 1 ноември годинава требаше да го одбележи своето 50-то, јубилејно издание. Минатата година њујоршкиот маратон го истрчаа 53.640 тркачи.
Пред помалку од еден месец откажано беше 124-то издание на бостонскиот маратон, но тој ќе се одржи виртуелно. Берлинскиот маратон, пак, беше предвидено да се одржи на 27 септември.

– Откажувањето на годинашниот маратон во Њујорк е разочарување за сите инволвирани, но јасно е дека мора да го следиме тој курс од перспектива на здравјето и на сигурноста на сите – изјави претседателот и извршен директор на организаторот на маратонот, Мајкл Капиразо.
Пред неколку дена, организаторите на Лондонскиот маратон изјавија дека уште не се откажале од надежта за одржување на настанот на 4 октомври, кој беше презакажан од 26 април, кога првично требаше да се одржи. Минатата година маратонот во главниот град на Велика Британија го комплетирале речиси 43.000 тркачи.

Најголемите шест светски маратони се одржуваат во Њујорк, Лондон, Берлин, Чикаго, Бостон и во Токио, а годинава трка се одржа само во Токио, само со учество на врвни маратонци.