Во својот прв гранслем-турнир како тенисер од врвните 100 играчи на АТП-листата, Аргентинецот Федерико Корија се пласира во третото коло на Ролан Гарос. Во почетокот и во средината на 2000-тите години, Гиљермо Корија беше силен тенисер и еден од најдобрите дефанзивци, но и силен од основната линија. Тој беше финалист на Ролан Гарос во 2004 година, двократен шампион на мастерс-турнирите од серијата 1.000 и многу години беше меѓу врвните 100. Ел Маго, како што го нарекуваа, беше крал на играта на земја и тука беше доминантен до крајот на неговата кариера, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.
Една деценија подоцна, тениското наследство Корија продолжува. Во понеделникот, братот на Гиљермо, Федерико Корија (28), првпат влезе меѓу најдобрите 100 и моментално е на 98-то место. Сега има четири братски тандеми што биле меѓу врвните 100 тенисери на ранг-листата од 2000 година. Браќата Корија им се приклучија на Јирген и Гералд Мелцер од Австрија, на Оливер и Кристоф Рохус од Белгија и на Александар и Миша Зверев од Германија. Всушност, браќата Рохус и двајцата беа меѓу најдобрите 100 во исто време, од 2000 до 2010 година, а Звереви од 2016 до 2019 година.