ИМ Филип Панчевски

За мажите, ова е 12-то учество, а за жените осмо. На ЕП 2021 се пријавени 39 машки репрезентации, со 192 шахисти, и 31 женска селекција, со 154 шахистки

ШАХ – ПОЧНУВА 23. ЕВРОПСКО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО

Екипното Европско првенство (ЕП) во шах, 23-то по ред, почнува денеска, во Терме Чатеж (Словенија), а машката репрезентација на Македонија ќе го има 12-то учество на ЕП, додека женската селекција осмото.
– Ќе настапиме со многу подмладен состав, очекувам да одиграме во рамките на нашите можности, а турнирот да послужи за младите шахисти да стекнат искуство. На ЕП речиси сите репрезентации се силни и за нас, практично, ќе нема лесен противник. Конечниот пласман ќе зависи и од формата со која ќе играме, а лично ќе бидам задоволен ако освојам нови рејтинг-поени – вели интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски.
Во однос на минатото ЕП, во 2019 година, во машката репрезентација нови имиња се младите и надежни шахисти, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески и шампионот на Отвореното првенство на Македонија за 2021, Филип Михов (2.255). Кај шахистките се враќаат Драгана Николовска, која играше на ЕП 2017, и Сања Трајковска, која настапи на ЕП 2001. На ЕП 2021 за мажи се пријавени 39 репрезентации, со 192 шахисти (126 ВМ), а кај жените 31 селекција, со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). Македонските шахисти пред ЕП се рангирани на 33-то место, а шахистките на 31-то. Русија, која ќе ги брани златата (мажи и жени) во двете конкуренции, е рангирана на првото место.

ЖФМ Моника Стојковска

– Доколку го земеме предвид фактот дека на ЕП играат најдобрите шахистки од Европа, станува јасно дека нѐ очекува досега најтежок турнир во настапите за репрезентацијата. Лично ќе бидам задоволна доколку успеам да го подобрам мојот личен рејтинг, а екипно очекувам да им создаваме проблеми на противниците, да покажеме борбеност, добра игра, и покрај тоа што сме помеѓу послабите репрезентации на ова ЕП – вели ЖФМ Моника Стојковска.
Македонските репрезентации ги оствариле најдобрите пласмани на ЕП во Пловдив во 2003 година (шахистите беа 12-ти од 37 селекции, а шахистките 20-ти од 31 репрезентација). На ЕП 2019 мажите, кои пред почетокот беа рангирани 29. од 39 селекции, го освоија 33-то место, со седум бода (15 по табли), а шахистките беа 32. со три бода (10,5 по табли).


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021

МАЖИ
ИМ Филип Панчевски 2.490 130
ИМ Никола Николовски 2.401 158
ИМ Тони Лазов 2.393 159
ФМ Емил Ристески 2.315 176
Филип Михов 2.255 180

ЖЕНИ
ЖФМ Моника Стојковска 2.066 128
Бојана Бејатовиќ 2.031 135
Сања Трајковска 1.960 142
Драгана Николовска 1.877 150
Ивана Манова 1.809 151
во првата колона е рејтингот, а во втората рангот пред ЕП