Норвешкиот велемајстор (ВМ) и актуелен светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Магнус Карлсен (2881 рејтинг-поен во забрзан шах), победи на шаховскиот интернет-турнир во забрзан шах вреден 250.000 долари, на кој играа осум шахисти (шест од првите 10 во светот). Турнирот го организира Карлсен, кој за победата ја освои наградата од 70.000 долари.
Секој шахист имаше време за размислување од 15 минути за секоја партија, со дополнителни 10 секунди по секој одигран потег. За победа се доделуваа три бода, а во случај на тајбрејк, два бода за победникот и еден за поразениот. Најдобрите четворица се пласираа во полуфиналето. Таму Американецот Хикару Накамура (2.829) го победи сонародникот Фабијано Карауна (2.773) со 4-2, а Карлсен беше подобар од Кинезот Динг Лирен (2.836) со 2,5-1,5. Во финалето Карлсен го совлада Накамура со 2,5-1,5.
Карлсен во регуларниот дел ги победи сите, освен Холанѓанецот Аниш Гири (1,5-2,5) и Кинезот Динг (1-3). За второто место Накамура освои 45.000 долари, Динг и Каруана по 30.000 долари, Русинот Јан Непомнијашчи 22.500, Иранецот Алиреза Фирузја 20.000, Гири 17.500 и Французинот Максим Вашер Лаграв 15.000 долари.
Табела по регуларниот дел: Накамура 15, Лирен 15, Карлсен 13, Каруана 13, Непомнијашчи 8, Фирузја 7, Гири 7, Вашер-Лаграв 6. Полуфинале: Накамура – Карауна 4-2, Карлсен – Лирен 2,5-1,5. Финале: Карлсен – Накамура 2,5-1,5.