МАЈСКА ШАХОВСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА
Актуелниот светски првак Магнус Карлсен (2.847 рејтинг-поени) и понатаму е број еден во светот. Норвежанецот и на мајската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) е прв, или вкупно по 119-ти пат. Најблиску до него е Американецот Фабијано Каруна (2.820). Вториот дел на Турнирот на кандидатите му помогна на Кинезот Динг Лирен (2.799) да освои осум нови поени и да избие на третата позиција, додека предизвикувачот на Карлсен за титулата светски првак, Русинот Јан Непомнијашчи (2.792), освои три поени и е четврти. Холанѓанецот Аниш Гири (2.780) со нови четири поени е шести, додека Ерменецот Левон Аронијан (2.781) остана на петтата позиција. Иранецот Пархам Магсудлу (2.698) направи најголем скок по убедливиот триумф на иранскиот шампионат и сега е 41. во светот, со новоосвоени 22 рејтинг-поени. Најмногу поени (19) загуби Кинезот Хао Ванг (2.744), кој од 12-то падна на 17-то место. Пандемија на ковид-19 и понатаму го отежнува играњето шах на табла, па немаше големи промени во рејтингот, освен меѓу првите 10.
Кај шахистките, Кинезинката Хоу Јифан (2.658) и понатаму е број еден, а ја следат Русинката Александра Горјачкина (2.593) и Индијката Химпи Конеру (2.586). Актуелната светска првенка, Кинезинката Ју Венјун (2.560), е четврта.
На македонската листа и понатаму е прв ВМ Кирил Георгиев (2.589), пред ИМ Филип Панчевски (2.519) и ВМ Никола Митков (2.518), тројцата единствени со над 2.500 рејтинг-поени. Кај шахистките води ЖФМ Моника Стојковска (2.061), пред Бојана Бејатовиќ (2.031) и Павлина Пауновска (2.012).
Во светот, екипно прва е Русија (2.739 поени, просечен рејтинг на првите 10 играчи), пред САД (2.715) и Кина (2.705), а Македонија е 50-та (2.472) од 184 држави. Кај жените води Кина (2.488), пред Русија (2.483) и Индија (2.404), а Македонија е 73-та (1.809) од 156 држави.