Еден од побитните аспекти во новиот календар на 56-то издание на СК (од 1967-та) е и еднаквоста во бројот на брзите и на техничките трки во машка и во женска конкуренција, по 18
ЗА НОВАТА СЕЗОНА НА СВЕТСКИОТ КУП ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Втора последователна сезона во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, која почнува на 23 и на 24 октомври во австрискиот скијачки центар Зелден, ќе нема трки во алпска комбинација. Еден од побитните аспекти во новиот календар, за 56-то издание на Светскиот скијачки куп (се одржува од 1967 година), е и еднаквоста во бројот на брзите (спуст и супервелеслалом) и на техничките дисциплини (слалом и велеслалом) во машка и во женска конкуренција.
Предвидени се по 18 брзински и технички трки. Мажите ќе се натпреваруваат на 11 спуста, седум супервелеслаломи, како и во 10 слаломи и осум велеслаломи, плус ќе има и една трка во паралел-слалом. Кај жените се планирани по девет трки во четирите дисциплини и една во паралел-слалом. Лани, на пример, скијачките се натпреваруваа во 13 брзински и во 17 технички трки.
Како и лани, мажите и жените во голема мера ќе бидат разделени, освен на традиционалното отворање на сезоната, на велеслаломските трки на глечерот Ретенбах во Зелден, на слаломот во Загреб, на 4 и 6 јануари в година, потоа на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, од 3 до 19 февруари, како и на завршните трки во Светскиот куп за сезонава во Куршевел и во Мерибел, од 16 до 20 март 2022 година. Сезонава се планирани трки во СК и во Северна Америка, откако во минатата сезона беа откажани поради пандемијата на коронавирусот.
Во згуснатиот распоред во Светскиот куп, што опфаќа 31 место во 13 земји во двете конкуренции, се и Зимските олимписки игри во Пекинг, на кои трките ќе бидат на патеки во Јанкинг, во новиот национален алпски скијачки центар на Кина.
Порамномерната распределба на дисциплините во Светскиот куп се чини ќе им одговара на оние скијачи и скијачки што се добри во повеќе дисциплини. Тешко е да се сфати дека пред 17 години, на почетокот од сезоната 2004/2005, на пример, Боде Милер забележа шест победи на првите 10 трки, во секоја од четирите дисциплини на патот кон првата титула вкупен победник.