Валентино Роси е единствениот возач во историјата на мотоспортот што победил на светските првенства до 125, 250 и до 500 кубици и во класата Мото ГП. „Како да споредувате луѓе со компјутери. Тој како да има поголем хард-диск и поголема меморија од другите момци“, вели за Роси неговиот поранешен механичар Алекс Бригс. Во минатите 26 години, Роси, познат и под прекарот Доктор, стана глобален феномен, надминувајќи го самиот спорт, добивајќи култен статус кај љубителите на мотоспортот низ светот

МОТОЦИКЛИЗАМ

По деветте титули светски првак, 115-те победи на трките и 432 гранпри-старта, Италијанецот Валентино Роси (42), еден од најуспешните мотоциклисти во историјата, најдобриот во неговата генерација, на вчерашната трка за големата награда (ГН) на Валенсија ѝ стави крај на блескавата кариера, пишува „Би-би-си“. Во минатите 26 години, Роси, познат и под прекарот Доктор, стана глобален феномен, надминувајќи го самиот спорт, добивајќи култен статус кај љубителите на мотоспортот низ светот.
– Тој го промени спортот и го донесе на места каде што никогаш порано не бил. Без сомнение, никогаш немало некој како Валентино Роси во 73-те години гранпри-трки – вели коментаторот на Мото ГП-трките, Ник Харис.
За многумина, Роси е еден од великаните на тркачкиот спорт, во друштво на Михаел Шумахер, Аиртон Сена, Џакомо Агостини, Мајк Хеилвуд и Мик Дуан.

СВЕТСКИ ТИТУЛИ И СВЕТСКА ДОМИНАЦИЈА

Кога ќе се погледне статистиката, ќе се забележи дека Роси е единствениот возач во историјата што победил на светските првенства (СП) до 125, 250 и до 500 кубици и во класата Мото ГП. Првата титула во најсилната класа дојде во 2001 година, на 22-годишна возраст, прва од петте последователни шампионски титули со Хонда, а потоа и со Јамаха. Тој е единствениот возач што почнал 400 или повеќе трки во историјата на овој спорт и забележал 89 победи. Ниту еден во историјата на ГП-трките не бил ниту блиску до тоа. Неговиот поранешен механичар Алекс Бригс е човекот што знае како е да се работи со Роси. Тој беше со него од 2000 година, кога дебитира во класата до 500 кубици, па до лани.
– Тоа е како да ги споредувате луѓето со компјутерите. Тој како да има поголем хард-диск и поголема меморија од другите момци. Тој беше многу добар во разбирањето на трката, ако беше трет или четврти, знаеше дека може да победи. Потоа стана толку добар што некое време му беше премногу лесно. Ќе се повлечеше и си поигруваше со ривалите како мачка со глушец. Мислам дека некои сезони можеше да вози и дрвен мотоцикл и пак да победи – изјави Бригс за „Би-би-си“.

ГЛОБАЛЕН ФЕНОМЕН

Роси стана познат во светот и по своите уникатни прослави на победите, како носење облека на Робин Худ… Во светот постои „култ на Роси“. Во Токио може да се најдат продавници посветени на Италијанецот, на Карибите има производи со ликот на Роси што се продаваат на плажа, во мало село во Англија има знамиња на Роси што се веат во дворовите, повеќе од 20.000 луѓе секоја година го посетуваат неговиот роден град Тавулиа, дури и најголемите холивудски ѕвезди се негови големи обожаватели, како и Луис Хамилтон.
– Еден од најголемите моменти во мојата кариера беше денот што го поминавме заедно возејќи и менувајќи ги возилата. Беше прекрасно да го направам тоа со некого што го гледав и му се восхитував долго време. Валентино има неверојатно долга кариера, никогаш не се откажуваше. Покажа дека е одличен тимски играч, скромен со својот пристап, секогаш насмеан и позитивен. Мислам дека има многу нешта да се научат од голем лидер каков што е тој. Прекрасно е да се види дека постигна сѐ што сакаше – изјави Луис Хамилтон за „Би-би-си“.

ШТО Е СЛЕДНО?

Роси се искачи на победничкиот подиум 235 пати, од дебито во 1996 година. Последен пат тоа се случи во 2020 година, кога го освои третото место во Херез. Почетните години од новиот милениум, без сомнение, беа најуспешните години на Роси, но во изминатата деценија следуваше подемот на други суперѕвезди, меѓу кои најзначаен е Шпанецот Марк Маркез, кој освои шест титули од 2013 до 2019 година. Само најдобрите меѓу најдобрите можат да кажат дека биле рамноправни со Роси, а оние на кои тоа им успеа, создадоа некои од најголемите ривалства во историјата на спортот, како со шесткратниот светски шампион Макс Бјаџи.
Што е следно за возачот што сака филмови за Бетмен, Боб Марли и јаде пица со мајонез? Во последнава лоша сезона во Мото ГП, најдобар пласман му беше осмото место во Австрија. Му „побегна“ 10-та титула, оставајќи чувство на „малку тага“, но Роси ќе има доста преокупации по пензионирањето. Тој уште ќе биде инволвиран во Мото ГП во 2022 година, со неговиот тим „ВР46“. Тој, исто така, има обврски околу академијата за идни тркачи „ВР46“ во родниот град, а ќе стане и татко, првпат. Но врз основа на неговите коментари на неодамнешната медиумска конференција, се чини дека Роси би можел да го насочи вниманието на четирите тркала. „Сакам да се тркам со автомобили, можно е тоа да се случи следната година, но уште не е решено“.