Со појавата на коронавирусот, кој го запре нормалното функционирање на луѓето во сите сфери на живеењето, вклучувајќи го и спортот, домашната изолација стана најдобрата алатка за борба против ширењето на вирусот, а виртуелниот спорт глобална занимација.
Поранешниот шампион во Формула 1, Жак Вилнев (49), кој во 1997 година стана шампион во Формула 1, а учествувал и на голем број трки, од НАСКАР до Ле Манс, се приклучи на групата легендарни возачи што ќе се натпреваруваат во виртуелните трки. Канаѓанецот е еден од тројцата шампиони во Формула 1 што ќе се натпреваруваат во симулираната автомобилска трка „Трофеј на легендите“.
Покрај Вилнев, учеството во трката го потврдија и 73-годишниот Бразилец Емерсон Фитипалди (светски првак во Формула 1 во 1972-та, кога стана најмлад шампион, и во 1974 година) и Британецот Џенсон Батон (40), а дел од трката ќе бидат и победниците на Индикар, Бразилецот Ели Кастроневес (44) и Британецот Дариус Франкити (46).
Освен за тркачките легенди, ќе бидат организирани трки и за најдобрите виртуелни возачи, на кои би требало да им се придружат актуелните ѕвезди на Формула 1, Индикар и на Формула Е. Организаторите на виртуелните трки очекуваат гледаност од повеќе од 600 милиони гледачи во светот.