Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски вчера реализираше соло брзинско искачување на највисокиот алпски врв, Мон Блан (4.810 метри) од потешката и подолга италијанска страна. Целиот потфат вклучувајќи ги качувањето до врвот и спуштањето до појдовната точка беше реализиран за 9 часа и 58 минути. За Кирковски ова е шесто искачување на највисокиот алпски врв, а минатото лето постави најдобро македонско време искачувајќи го Мон Блан од француската страна за 6 часа и 26 минути, до врвот и назад.
Брзинското искачување на високите планини во светот е релативно нов тренд кој во рамките на дисциплината „скајранинг“ се појави пред 20-на години.
– Стартував рано наутро, во 3.50 часот, од подножјето на планината, од долината Вал Вени на 1.900 метри. Рутата е доста долга со вкупно 31 километар и со 3.100 висински метри разлика, потешка е и помалку фреквентна од француските класични рути. За време на потфатот постојано се движев соло, а единствената скромна, но значајна логистика ја имав пред домот Гонела на 3.070 метри од моите пријатели, Петар Ивановски и Димитар Тодоровски кои беа дел од експедицијата. Тешкотија ми претставуваше движењето ноќе на почетокот по големиот и необележан глечер Миаж, како и правењето рамнотежа помеѓу брзината, потребната опрема и безбедноста во што треба да се биде максимално прецизен при ваквите искачувања – вели Кирковски.
Мон Блан (4.810 метри) е највисок на Алпите и се наоѓа на границата помеѓу Франција и Италија. Планината почесто се искачува од француската страна, а класичната италијанска рута првпат е качена во 1890 година. Еден од првите качувачи на оваа рута бил Ахиле Рати, кој подоцна станал и римски папа. Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ). Л.Д.