Можеби оваа промена ќе ја намали драмата на теренот, но играчите не се жалат на промената. Одлуката за употребата на технологијата на овој гранслем-турнир е како една од неопходните здравствени мерки против ковид-19, за да се намали бројот на луѓе на теренот, пишува „Ројтерс“

ТЕНИС

Австралија опен е првиот голем тениски турнир на кој линиските судии се заменети со електронски како една од неопходните здравствени мерки против ковид-19, за да се намали бројот на луѓе на теренот. Можеби оваа промена ќе ја намали драмата на теренот, но играчите не се жалат на промената, пишува „Ројтерс“.
– Промената ме штеди од тоа да се обидам да размислувам дали тие имале правилна одлука или не. Ако сакаат да продолжат на овој начин, немам поплаки за тоа, затоа што мислам дека нема да се случат судиски грешки поради оваа технологија – рече победничката на САД опен, Наоми Осака.
На Австралија опен линиските одлуки се испорачуваат во реално време преку камери за далечинско следење, а досега не се случија лути испади на тенисерите поради одлуките. Американката Серена Вилијамс вели дека претходното искуство со системот во Синсинати не ѝ оставило голем впечаток.

– Сега ми се допаѓа, затоа што ја одзема човечката грешка, што дефинитивно не ни треба. Јас треба да бидам најголемиот љубител на оваа промена – изјави Вилијамс.
Еден од поборниците за воведување технологија беше светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ.
– Свесен сум дека постојат традиција и историја и начинот на кој се навикнавме линиските судии да бидат тука, но, кога ќе се повлече линија, јас всушност сум за технологијата. Не гледам причина зошто ни требаат линиски судии – изјави светскиот рекет број еден, пренесе „Ројтерс“.
Отвореното првенство на Франција останува единствениот гранслем-турнир што не го користи системот за електронско следење на топчето, што им овозможува на играчите да ги оспоруваат одлуките, а судиите донесуваат конечни одлуки врз основа на трагите оставени од топчето на земјата.
Американката Венус Вилијамс, пак, смета дека линиските судии ретко грешеле, Британката Франческа Џонс не е сигурна дека технологијата е непогрешлива, а Французинот Жил Симон смета дека недостигот од т.н. челинџ ја прави играта „монотона“.