Германскиот атлетичар Артур Абеле (32) стана највозрасниот европски шампион во десетобој откако триумфира пред домашната публика на 24-то Европско првенство (ЕП) во Берлин. Абеле, кого го нарекоа и Крал Артур, во знак на почит за триумфот во „кралската“ дисциплина по последната трка на 1.500 метри, собра 8.431 поен и беше недостижен за Русинот Иља Шкурењов (8.321) и Белорусинот Витали Шук (8.290 поени).
– Да се победи на овој стадион пред сонародниците е нешто посебно, фантастично. По многуте повреди што ги имав во минатото, успеав да се вратам и да победам – изјави Абеле, за кого ова е прв позначаен медал во кариерата.
Фрлачката на ѓуле Паулина Губа ѝ го донесе третиот златен медал на Полска откако со 19,33 метри ја натфрли домашната фаворитка, Кристина Шванц (19.19 метри).
Со прескокнатите 8,25 метри во скок во далечина, Гркот Милтијадис Тентоглу го освои првиот златен медал за својата земја на ЕП. Тој за 12 сантиметри беше подобар од Германецот Фабијан Хајнле и од Украинецот Серхиј Никифоров, кои прескокнаа по 8,13 метри. На првиот златен медал му се израдува и Литванија, откако Андриус Гуджиус постигна најголема должина (68,46 метри) во дисциплината фрлање диск. Втор беше Швеѓанецот Даниел Штал (68,23), а трет Австриецот Лукас Ваисхајдингер, со должина од 65,14 метри.
Во трката на 10 км, кај дамите триумфира Израелката Лона Чемтаи Салпепер, 31:43.29 минути, втора беше Холанѓанката Сузан Круминс (31:52.55), а трета Швеѓанката Мераф Бахта (32:19.34 минути).
На ЕП досега најуспешни се атлетичарите на Полска, кои имаат освоено три златни и два сребрени медала. Атлетичарите на Велика Британија се со два златни и еден сребрен медал, а трети Германците со едно злато, три сребра и една бронза.