Андреас Трајковски победи во скок во далечина, а потоа тој, Огнен Стефановски, Михаил Петров и Јован Стојоски поставија нов македонски рекорд во штафетата 4х100 метри, на ЕП, трета дивизија, во рамките на Европските игри во Краков

ЕВРОПСКИ ИГРИ ВО КРАКОВ

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски постигна голем успех, освојувајќи го златниот медал во скок во далечина на Европското првенство, трета дивизија, кое се одржува во рамките на Европските игри (ЕИ) во Краков (Полска). Во конкуренција на 15 натпреварувачи, Трајковски во вториот обид оствари скок од 7,73 метри, шест сантиметри помалку од националниот рекорд, кој тој го постави на митинг во Грција.
– Ова беше мое прво учество за Македонија на Европското екипно првенство и имав големи цели. Скокот од 7,73 метри остварен во раните утрински часови, невообичаено време за натпревар, ми дава голема самодоверба пред следните натпревари, како што се Првенството на Македонија и Балканијадата. Се чувствувам одлично и среќно што ја претставив Македонија во најдобро светло и што ѝ донесов успех со освојувањето на првото место – изјави тој за интернет-страницата на Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Со првото место Трајковски освои максимални 15 поени за атлетската репрезентација на Македонија, кои ќе влезат во генералното бодување на сите држави-учеснички во оваа дивизија.
На Европските игри во Краков, успех постигна и македонската штафета во трката на 4х100 метри, поставувајќи нов македонски рекорд со време од 41,75 секунди, што е за една секунда и 11 стотинки подобро време од претходниот рекорд (42,86), кој беше постигнат во 2013 година. Штафетниот тим настапи во состав Андреас Трајковски, Огнен Стефановски, Михаил Петров и Јован Стојоски, а го освои петтото место во конкуренција на 14 селекции сместени во две групи. Победи штафетата на Ирска (39,57). Европскиот рекорд изнесува 37,36, а е сопственост на Велика Британија.
На терените се појавија и кајакарите во категоријата К2 на 500 метри, браќата Никола и Владимир Малески, постигнувајќи време од 1:52,116 минути, со што го освоија осмото место во групата еден.
Во средата свечено беа отворени третите ЕИ, на кои настапуваат 48 земји, кои се натпреваруваат во 29 спорта. На отворањето на Игрите продефилираа и македонските спортисти, тренери, како и спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, а предводени од знаменосците, каратистот Емил Павлов и таеквондистката Милијана Рељиќ. Г.И.