ВАТЕРПОЛО – ОД УТРЕ ДО НЕДЕЛА ВО СКОПЈЕ
- Добро е што се одржуваат вакви првенства, оти со присуство на повеќе екипи и млади ватерполисти може да имаме квантитет, а со тоа и да им дадеме приоритет на младите категории, за по неколку години да создадеме и квалитет. Државното првенство ни е база за селектирање на играчите. Тоа ни е и целта во 2026 година, во која сакаме да учествуваме и на Универзијада, рече тренерот на Локомотива, Боро Стефановски. Првенството ќе се одржи во базенот „Борис Трајковски“ во Скопје, а влезот е слободен
Љубителите на ватерполото во Скопје ќе имаат убава можност да присуствуваат и да уживаат во натпреварите на Зимското првенство на Македонија, кое ќе се одржи од утре до недела во базенот „Борис Трајковски“ во Скопје, со учество на пет екипи, во три возрасни категории.
На првенството ќе настапат Посејдон, Вардар 8, Локомотива, Про Кидс и Младост, од кои Младост е и организатор на првенството, и тоа во возрасните категории до 12 години, 14 години и до 16 години, како и за сениори. Ова е втора година во низа како се одржуваат летно-зимски државни првенства во ватерполо. Летното првенство годинава се одржа во Куманово.
– Во секоја категорија ќе се бориме да го освоиме првото место, иако во сениорска имаме најмлада екипа, но се надевам ќе издржиме до крајот, па и тука да бидеме победници. Во младинска конкуренција најголем ривал ќе ни биде Вардар 8, а во сениорска конкуренција Младост. Локомотива и Вардар 8 се приближно еднакви по квалитет во трите категории млади, а кај сениорите тоа се Младост и Локомотива – вели тренерот и шеф на стручниот штаб на Локомотива, Боро Стефановски.
Влезот за натпреварите за сите три дена е бесплатен, а присутните гледачи ќе имаат убава можност да уживаат во мајсториите на младите македонски ватерполо-надежи, но и на поискусните сениори. Финалните дуели се закажани за в недела.
– Добро е што се одржуваат вакви државни првенства, оти со присуство на повеќе екипи и млади ватерполисти, може да имаме квантитет, а со тоа и да им дадеме приоритет на младите категории, за по неколку години да создадеме и квалитет, кој ќе одговара на средно европско ниво. Државното првенство, пак, ни е база за селектирање на играчите. Тоа ни е и целта во 2026 година, во која сакаме во мај да учествуваме и на Универзијада, ако ни се одобрат одредени средства од УКИМ, за да се подготвиме подобро. Исто така, првпат годинава имаме поддршка и од Министерството за спорт, без која не би можеле брзо да напредуваме – рече Стефановски.
Натпреварите утре почнуваат од 18 часот, а в сабота и в недела од 9 часот. Во категориите до 14 и до 16 години и кај сениорите се играат групни фази, со натпревари потоа за трето и за прво место, а во категоријата до 12 години тимовите играат секој со секого на база на бодување.
Натпревари, петок (од 18 часот), категорија до 12 години: Младост – Про Кидс, Локомотива – Посејдон. Сениори: Младост – Вардар, Про Кидс – Локомотива. Сабота (од 9 часот), категорија до 12 години: Вардар – Посејдон, Про Кидс – Локомотива, Вардар – Локомотива, Младост – Посејдон. До 14 години: Младост – Вардар, Локомотива – Про Кидс. До 16 години: Про Кидс – Вардар, Младост – Локомотива. Сениори: натпревари за третото место и финале. Недела (од 9 часот), категорија до 12 години: Вардар – Про Кидс, Локомотива – Младост, Вардар – Младост, Посејдон – Про Кидс. До 14 години: натпревари за третото место и финале. До 16 години: натпревари за третото место и финале. Г.И.


































