На гранслем-турнирот, кој се игра од 1877 година, присутните по обичај ѝ се препуштаат на традиционалната понуда од јагоди и шлаг, но соочени со зголемувањето на цените на храната и со највисоката стапка на инфлација во претходните четириесетина години, беа во дилема дали и колку тоа ќе се одрази на цената на вкусните деликатеси на Вимблдон. Организаторите решија тие да се продаваат по истата цена како и во минатите 12 години. За време на турнирот се консумираат околу 190.900 порции, или приближно 28 тони јагоди
ТЕНИС
Вимблдон, најпрестижниот тениски турнир во светот, 135-ти по ред, кој почна во понеделникот, првпат по тригодишна пауза поради пандемијата на ковид-19, се враќа во полн сјај, со полн капацитет и со над 40.000 луѓе на трибините секој ден, пишува „Индепендент“.
Гранслем-турнирот што се игра од 1877 година е еден од најомилените спортски настани во Велика Британија. Присутните по обичај ѝ се препуштаат на традиционалната понуда од јагоди и шлаг, но сега соочени со зголемувањето на цените на храната и со највисоката стапка на инфлација во претходните четириесетина години, беа во дилема дали и колку тоа ќе се одрази на цената на вкусните деликатеси на Вимблдон. Но организаторите на турнирот решија јаготките со шлаг и годинава да се продаваат по 2,50 фунти (2,90 евра) за порција со најмалку 10 јаготки, по истата цена од 2010 година досега, пишува „Индепендент“.
Во периодот од две недели, колку што трае турнирот, секоја година се консумираат околу 190.900 порции, или приближно 28.000 килограми јагоди. Таа традиција датира уште од првиот турнир, кога финалниот натпревар го гледале само 200 луѓе. Оттогаш таа култна закуска стана една од главните состојки на традицијата на Вимблдон.
– Можете да вкусите дел од ова искуство на Вимблдон на сите продажни места околу терените, а алтернатива на вегански крем, исто така, е достапна во сите продавници – пишува на интернет-страницата на Вимблдон.
Јагодите доаѓаат од фармата „Хју лоу“ во покраината Кент и треба да ги исполнуваат барањата за „класа 1“, со добар квалитет и со мали дамки. Тие се берат рачно и се испорачуваат секое утро. На Вимблдон се консумираат и околу 445 килограми малини, или приближно 140.000 кошници. Л.Д.
Храна и пијалак може да се донесат и од дома
Околу терените на Вимблдон може да се купи речиси сѐ, но, исто така, дозволено е да носат сопствена храна и пијалак. Но не се дозволени мини-фрижидери и кошници, а постојат и строги правила за алкохолот. Дозволено е да се донесе само едно шише вино или шампањ (750 мл), по две лименки пиво (500 мл) и коктели. Жестоките алкохолни пијалаци и збогатените вина не се дозволени. Пијалаците треба да се во покриени садови, не смеат да имаат појак мирис, како и храната, бидејќи во спротивно може да бидат одземени. Л.Д.