Триесет и третите Летни олимписки игри (ЛОИ) Париз 2024, на кои настапија вкупно 1.0715 спортисти (меѓу кои и шестмина од Македонија) во 32 спорта, во 48 натпреварувачки дисциплини, на 35 олимписки борилишта, и на кои беа поставени 32 светски и 125 олимписки рекорди во 10 дисциплини, во неделата навечер, во свечена атмосфера и во присуство на над 9.000 спортисти, и официјално беа затворени
СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕНИ ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ
Завесата на 33. Летни олимписки игри (ЛОИ) Париз 2024, на кои настапија вкупно 1.0715 спортисти (меѓу кои и шестмина од Македонија) во 32 спорта, во 48 натпреварувачки дисциплини, на 35 олимписки борилишта, и на кои беа поставени 32 светски и 125 олимписки рекорди во 10 дисциплини, во неделата навечер, во свечена атмосфера и присуство на над 9.000 спортисти, и официјално беше спуштена. Ако отворањето за многумина беше предолго и по малку провокативно, затворањето на Игрите беше спектакуларно на преполниот стадион „Сен Дени“, каде што на маратонската победничка, Холанѓанката Сифан Хасан, ѝ беше доделено последното злато за триумфот на женскиот маратон, а потоа шоуто можеше да почне. А во него, на отворената сцена можеше да се види претстава полна со симболики во која „Златниот патник“ настојуваше да го оживее духот на олимпизмот. Притоа 110 антички олимпијци ги извадија петте олимписки прстени од срцето на Земјата, засекогаш нераскинливо да ги обединат континентите, засновани на почитување и ривалство, желба за победа и конкуренција. Кога ги собра прстените, „Златниот патник“ триумфално го испрати симболот на Игрите под сводот на стадионот, круговите што во 1914 година ги нацртал таткото на модерниот олимпизам Пјер де Кубертен, а во чест на две децении од првите Игри на новото време одржани во Атина 1896 година.
Оваа мисија беше успешно завршена во мигот кога петтиот прстен високо се издигна над публиката, која, пак, со овации беше придружена од публиката. Следните ЛОИ ќе се одржат во 2028 година (14-30 јули) во Лос Анџелес (САД). Овој град по третпат ќе биде домаќин на вакви Игри, по оние во 1932 и 1984 година.
БАХ: ОВА БЕА ИГРИ НА ЕДНА НОВА ЕРА
Во меѓувреме, на платото пред „Лувр“ беше спуштен балонот во кој 16 дена гореше олимпискиот оган, а церемонијата продолжи со говори на претставник на Организациониот комитет (ОК) на Игрите, како и претседателот на ИОК, Томас Бах, кој и ги прогласи Игрите за затворени.
– Вашите настапи беа неверојатни, се натпреварувавте жестоко, секој натпревар беше на работ на совршенство, а секоја изведба предизвика возбуда низ светот. Вие ни покажавте за каква големина сме способни како луѓе. За сето ова време живеевме заедно под еден покрив на олимпиското село. Вие, спортистите, создадовте култура што нѐ инспирираше сите нас, милијарди луѓе низ светот. Знаеме дека ОИ не можат да создадат мир во светот, но можат да создадат култура на мир што ќе го инспирира светот. Затоа ги повикувам сите што го делат олимпискиот дух да ја живеат оваа култура за мир секој ден. ЛОИ Париз 2024 беа Игри на една нова ера, прослава на спортистите и на спортот во најдобар можен облик – рече меѓу другото, претседателот на ИОК, Бах, на чинот на свеченото затворање на Игрите.
Во вториот дел од претставата се појави славниот глумец Том Круз, кој во нему својствена акциска филмска сцена слета од покривот на стадионот за да го земе олимпиското знаме и да го однесе во градот што ќе биде домаќин на следните игри, а тоа е Лос Анџелес (САД) по четири години. Потоа симболично беше донесен пламенот до центарот на игралиштето на стадионот во Париз, кој беше изгаснат во друштво на спортисти од сите континенти, а олимпиското знаме од рацете на градоначалничката на Париз, Ан Идалго, ѝ беше предадена на градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, која широко го развиори.
МАКЕДОНСКАТА ЕКСПЕДИЦИЈА БЕЗ МЕДАЛ
Како што е познато, Македонија на овие ЛОИ учествувашe со шест спортисти. Прв настапи младиот пливач Никола Ѓуретановиќ, кој во квалификациите во трката на 400 метри слободно постигна време од четири минути, пет секунди и 38 стотинки, речиси три секунди послабо од неговиот личен рекорд. Стрелачката Анастасија Мојсовска имаше солиден резултат во својот дебитантски настап на ЛОИ, освојувајќи го 31-то место во дисциплината пукање со воздушна пушка од 10 метри, во конкуренција на 43 натпреварувачки. Во квалификациската рунда, Мојсовска по шесте серии имаше вкупен резултат од 625,3 погодени круга. Нејзиниот најдобар резултат останува 628,8 круга. Џудистот Еди Шерифовски загуби во првото коло на турнирот (до 81 кг) од Бразилецот Гијреме Шимит, кој е актуелен првак на Панамериканските игри од 2023 година и трикратен првак на Панамериканското првенство (2021, 2022 и 2024).
Борачот Владимир Егоров (до 57 кг), во во првото коло, односно во осминафиналето не го оствари посакуваниот сон да освои медал и убедливо загуби од индискиот претставник Аман Шерават. Македонската таеквондистка Милијана Рељиќ (до 57 кг) оствари голема победа во своето деби на ЛОИ. Таа во првата квалификациска борба ја совлада со 2-1 во рунди двојната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија, но во четврт-финалето загуби од Либанката Летиција Ајуд. Последен спортист од македонската олимписка експедиција што настапи беше атлетичарот Дарио Ивановски. Тој на маратонската трка го освои 69-то место, трчајќи со болки во ногата од шестиот километар. На тој начин Македонија не го повтори успехот од ЛОИ во Токио 2020 година, каде што освои еден медал, односно таеквондистот Дејан Георгиевски се закити со сребро.
ОЛИВЕРА НАКОВСКА-БИКОВА ЕДИНСТВЕН МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА ПОИ ВО ПАРИЗ
Олимписките игри Париз 2024 сепак, не завршија целосно во неделата. Тие ќе продолжат за две недели на истите овие борилишта каде што над 4.500 спортисти ќе настапат на Параолимписките игри (ПОИ) и ќе се обидат повторно да уриваат рекорди, а со тоа и да ги надминат сите човечки предрасуди. Меѓу нив ќе биде и најдобрата македонска параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, предводена од нејзиниот тренер и селектор Бранимир Јовановски. Таа ќе учествува во три стрелачки дисциплини, на 31 август (воздушен пиштол од 10 м), на 2 септември (спорт пиштол од 25 м) и на 4 септември (пиштол, слободен избор од 50 м). Наковска-Бикова во Париз ќе настапи со остварена олимписка норма по шести пат во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година освои злато во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри. Таа на сите ПОИ на кои учествувала, почнувајќи од 2004 година, била финалистка. Г.И.
САД и Кина со еднаков број први места
САД и Кина освоија најмногу златни медали на ЛОИ во Париз (по 40), но Американците имаат 44 сребра и 42 бронзи, односно вкупно 126, за разлика од Кинезите, кои беа 27 пати втори и 24 пати трети, односно освоија вкупно 91 медал. Трета е Јапонија со вкупно 41 медал, од кои 20 златни, 12 сребрени и 13 бронзени. Австралија е четврта со вкупно 53 медали, од кои 18 златни, 19 сребрени и 16 бронзени. Топ петте репрезентации ги затвора Франција со 16 златни, 26 сребрени и 22 бронзени или вкупно 64 медали.
Од земјите во регионот најмногу медали имаат Хрватите (седум), а Србите, пак, најмногу злата (три). Унгарците се на 14. место со 19 медали (шест злата). Романија освои девет медали (шест злата), Бугарија седум (три злата), а Албанија, која до овие ЛОИ немаше медал, освои две бронзи.
Кошаркарските дуели со нов рекорд на посетеност
Рекорден број луѓе присуствуваа на кошаркарските турнири во машка и во женска конкуренција на ЛОИ во Париз. Според прес-службата на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), на натпреварите присуствувале вкупно 1.078.319 гледачи. Претходниот рекорд беше поставен на ЛОИ во Аталанта 1996 година (1.068.032). Просечната посетеност, пак, на турнирите на ЛОИ во Париз 2024, кај мажите беше 21.711, а кај жените 19.763 гледачи.